Македонија
„Дека ДУИ полнеле кутии на денот на изборите е докажано од суд“, кажа Мицкоски и повика на будност
Не се само информации тоа дека ДУИ полнеле кутии на денот на изборите, имаме и потврден случај тоа е во општина Липково за каде јасно Управниот суд донесе пресуда каде јасно се гледа дека волјата на граѓаните не е таа која е соодветна на резултатот, рече претседателот на ВМРО-ДПММЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на општина Бутел.
Мицкоски укажа „ние тоа го зборуваме цело време, затоа апелираме цело време бидејќи имаме индиции дека на уште педесеттина други такви места низ Македонија се полнеле кутии, а излезноста наеднаш по 18 часот се зголемила“.
Оттука, додаде Мицкоски, предупредувам на будност, на внимание.
„Тоа што сведочи од теренот е огромен притисок, обиди да се купи волјата на граѓаните од страна на ДУИ, мислејќи дека ќе направат голем резултат и така ВМРО-ДПМНЕ ќе биде пред свршен чин да мора да седне и да разговара со раководството на ДУИ“, кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е убеден и верува во граѓаните на Македонија, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми или останати дека нема да го дозволат тоа.
„Можам да ви кажам примери во градови како Виница, Кочани, Делчево, Берово каде владини функционери во придружба со полицајци кои се идентификуваат како полицајци имале обиди да поткупуваат дури и во верски објект“, изјави Мицкоски.
Тој заклучи дека волјата на народот не е резултатот за Бујар Османи, туку дека таа е многу помала и ќе биде уште помала во периодот кој следи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“
Секторот за внатрешни работи информира дека во моментов, повторно е воспоставен нормален сообраќај на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“.
Сообраќајот, сега е нормализиран и се одвива во двете насоки а беше затворен и во целосен прекин, од 30.12.2025 година, поради превртена цистерна на патот.
Од тогаш, сите надлежни служби излегоа на местото на настанот и активно отпочнаа со мерки за утврдување на причините за незгодата и дислокација на превртената цистерна од коловозот.

