Македонија
Делегацијата во Минхен раштиман оркестар, не може да присуствуваат и претседател и премиер, вели Милошоски
Деновиве вниманието го привлече безбедносната конференција во Минхен. Главни теми Руската агресија против Украина и ситуацијата на Блискиот Исток. Сериозни теми, сериозен протокол со присуство на делегации од многу држави. Но, само една делегација личи на расштиман оркестар – за жал, тоа е македонската делегација, вели пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски.
„Според дипломатските правила, една држава на меѓународна конференција не може истовремено да ја претставуваат претседателот на државата и премиерот, бидејќи и двајцата го имаат највисокиот ранг – шеф на држава и шеф на влада. Како шеф на делегацијата оди или претседателот, или оди премиерот, но никако двајцата заедно. Во случајот со Македонија, на конференцијата во Минхен, присутен е и Претседателот Пендаровски, а истовремено таму е и техничкиот премиер Талат Џафери. Двајцата имаат по неколку соработници во нивна придружба. Згора на тоа, со група свои соработници таму е и министерот за надворешни Османи, оној кој би требало да му укаже на премиерот дека двоглави делегации на една иста конференција не праќаат ниту државите кои служат за потсмев на меѓународата сцена.
Оваа дипломатска грешка го открива непознавањето на протоколот од страна на техничкиот премиер, но истовремено е и недомаќинското триплирање на буџетските трошоци. Плус, лошо е за власта ако никој од тројцата не сфатил сериозно дека ваквото дупло присуство не е дозволено и од безбедносна гледна точка.
Двоглавото претставување ќе биде за потсмев кај другите делегации кои лесно ќе забележат дека во Македонија не постои координација меѓу трите кабинети (Претседател, Премиер, МНР) кои се задолжени за надворешната политика.
Замислете колку бил зачуден британецот Сер Стјуарт Пич, специјен пратеник за Западниот Балкан, кого и претседателот Пендаровски и техничкиот премиер Џафери го сретнаа на две одвоени средби, како патувањето до Минхен да им е последното патување во кариерата. Или можеби Сер Стјуарт Пич веќе знае дека во Македонија кавгата за казината на ДУИ со “европско знаменце” е побитна од координацијата меѓу претседателот, премиерот и министерот за надворешни за нормално меѓународно претставување на државата, вели Милошоски во објава на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

