Македонија
Делегација од Бундестагот воодушевена од квалитетот на македонските кандидати кои се пријавуваат за парламентарна стипендија
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со членовите на Комисијата од Бундестагот на Германија за избор на стипендисти од Македонија за ИПС-програмата.
На средбата присуствувале германскиот пратеник Штефан Албан и членовите на комисијата, Андеас Трампе од администрацијата на Бундестагот, како и Елмар Кулке, декан на Универзитетот „Хумболт“ во Берлин.
Како што информираат од прес-службата на Собранието, во своето излагање Џафери изразил големо задоволство за реализацијата на парламентарната стипендија ИПС на Бундестагот, со што директно се придонесува младите луѓе да станат мост меѓу парламентите, а воедно и учесници во реформите неопходни за евроинтеграциските процеси.
Албан го искажал своето воодушевување од квалитетот на кандидатите што се пријавуваат од Република Македонија за парламентарната стипендија во Бундестагот и нивната желба да се вратат и своите искуства и знаења да ги пренесат во својата земја.
Во однос на евроинтеграциските процеси, како член на работната група за Западен Балкан и парламентарната група за пријателство за односите со Југоисточна Европа, каде што спаѓа и Република Македонија, Албан ја искажал нивната целосна поддршка за сите преземени чекори во изминатиот период во насока на унапредување на евро-атлантските аспирации на земјата, особено на договорот потпишан со Грција.
Присутните се согласиле дека соработката треба да се интензвира на сите нивоа, особено на ниво на парламентарните комисии, но и на ниво на поддршка и помош за парламентарната администрација преку конкретна размена на мислења и искуства за поглавјата по почнувањето на преговорите за членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Попов: УМС е единствен претставник на младите во општините и парламентот
Македонија повторно стои исправено, а младите гордо и достоинствено го понесоа товарот да ги исправат неправдите кои со години ѝ беа нанесувани на нашата држава, кажа денеска на прес-конференција Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„По завршувањето на локалните избори и конституирањето на општинските совети, исклучително сум горд што Унијата на млади сили уште еднаш се потврди како силен генератор на нови кадри и политики кои носат визија и иднина. Благодарение на отвореноста на ВМРО-ДПМНЕ кон младите, поддршката од сениорските структури и препознавањето на енергијата која ја носи најголемата политичка младина во државата, денес можеме да се пофалиме со над 100 советници низ општините, како и со 3 пратеници во Собранието на Република Македонија – рекорден број досега, директно произлезен од нашите редови“, рече Попов.
Овој успех не е случаен, вели тој. „Тој е резултат на макотрпна работа, упорност и континуирана борба. Тој е доказ за нашата зрелост, кредибилитет и довербата што младите ја градеа во Организацијата со години“.
„Денес, одржавме состанок со нашите новоизбрани советници – состанок на кој се обврзавме заеднички, јавно и одговорно дека ќе работиме чесно, посветено и дисциплинирано во интерес на младите и во интерес на сите граѓани.
За нас како младина, политичките функции не се привилегија – тие се обврска и должност кон државата и кон младите генерации. Како нови советници и пратеници, ја преземаме одговорноста да бидеме постојано достапни, да бидеме на терен, да работиме чесно и посветено за интересите на младите луѓе во Република Македонија.
Наша цел не е само да слушаме и да констатираме факти. Наша должност е активно да создаваме услови младите да станат двигатели на промените: да ги вклучиме во процесите, да ги охрабриме да дискутираат, да предложуваат решенија и да ја почувствуваат локалната самоуправа како свој автентичен простор.
Без разлика дали се работи за комунални прашања, урбанистички планови, спорт, култура, образование, младински иницијативи или екологија – младите ќе ја покажат разликата. Ќе покажеме дека можеме поинаку и подобро и дека можеме да испорачаме резултати што носат иновација, енергија и подобро утре“, истакна Попов.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Реформите и напредокот на СДС се во втор план на Филипче, приоритет му се желбите на Заев
„Реформите и напредокот во СДС, не се во прв план на Филипче. На него во прв план му е реализацијата на зацртаните планови кои му ги наредува менторот Заев“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Криминалното дуо Филипче-Заев, не се откажува од претседателската фотелја во СДС, па макар тоа и ги довело до уништување на партијата. Заев се уште му ги држи конците на Филипче, а тој возвраќа на секој потег на Заев. Тоа што Александар Трајановски е нов потпретседател на СДС, не е затоа што тој е многу добар или квалитетен, туку затоа што е лојален човек на Филипче и на Заев. Заев се уште ја контролира СДС преку Филипче, а сега си ја потврдува неговата позиција на претседател од сенка со ставање на Трајановски за потпретседател. Од овие тројца, но и од остатокот на раководството на СДС, народот не очекува ништо. Потребни се реформи итни во СДС, за силна опозиција со кредибилитет и одговорност. Тоа мора да почне со оставка на Филипче“, истакна Манасиевски.
Македонија
Магијата на учењето: кога оценката станува поттик, а не цел
„Магичниот пресврт – ‘Што научи?’ или ‘Што доби?’“ беше темата на денешната панел-дискусија што се одржа во Куманово, во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“ на Министерството за образование и наука. Панелистите зборуваа за важноста оценките да не се доживуваат како крајна и единствена цел, туку како алатка што го следи и охрабрува напредокот на учениците.
Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска истакна дека новото време бара нови начини на учење и оценување, кои го поттикнуваат вистинското знаење, креативноста и личниот развој на секое дете.
„Образованието мора да се движи напред со духот на времето. Наместо да се фокусираме само на бројките во дневникот, треба да се фокусираме на тоа што ученикот навистина научил, што разбрал и како го применува тоа знаење. Нашата цел е надградба и зајакнување на системот кој го вреднува трудот, напредокот и љубопитноста, затоа што тие се темелот на квалитетното образование и на иднината на нашето општество“, изјави Ивановска.
Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, нагласи дека наставниците се клучниот двигател на секоја позитивна промена во училиштата и додаде дека ваквите дискусии ја поттикнуваат размената на мислења и искуства кои можат да помогнат наставниците подобро да го препознаат потенцијалот на секое дете.
На панел-дискусијата учествуваше и директорот на СОУ „Сами Фрашери“ – Куманово, Нагри Реџепи, кој нагласи дека во училиштата не треба фокусот да биде само на високите оценки, туку на индивидуалниот напредок на секој ученик. Според одделенската наставничка Хилда Димитриевска од ООУ „Крсте Мисирков“, поддршката и охрабрувањето се подеднакво важни како и самата оценка, а наставничката Даниела Стојановска од ООУ „Христијан Карпош“ се осврна на потребата училиштето да создава средина во која учениците слободно размислуваат, поставуваат прашања и развиваат критичко мислење, бидејќи токму тоа води кон вистинско и трајно знаење.
Иван Нацевски, родител на ученик, истакна дека родителите имаат значајна улога во тоа како децата го доживуваат процесот на оценување и нагласи дека кога се гради доверба и поддршка, оценката станува поттик за подобри резултати, а не причина за притисок.
Настанот е дел од серијата панел-дискусии што се организираат во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, чија цел е да ја истакне улогата на наставниците во современото образование и нивниот придонес во развојот на учениците и заедницата.

