Македонија
Делегација од Кабинетот на Пендаровски им оддаде почит на бранителите загинати кај Љуботенски Бачила

Делегација од Кабинетот на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска положи свежо цвеќе по повод 19-годишнината од загинувањето на осумте армиски резервисти кај месноста Љуботенски Бачила.
Цвеќиња беа положени пред спомен-обележјата во општина Ѓорче Петров, пред спомен-обележјето во село Љубанци и во касарната „Илинден“ во Скопје.
Масакрот кај Љуботенски Бачила се случи на 10 август 2001 година во 8 часот наутро кога воен камион на АРМ нагази на две противтенковски мини кај месноста Љуботенски Бачила, при што загина осум припадници на резервниот состав на АРМ. Покрај осуммтеина убиени, имаше и осуммина повредени.
Животите ги загубија бранителите Томе Бадаревски (33), Марјанчо Бошковски (28), Томе Димовски (37), Ивица Златевски (24), Бранко Јанев (36), Раде Јанковски (32), Томислав Настевски (27) и Гоце Чанкуловски (39), сите од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски: Ретките болести не смее да значат невидливост

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес беше дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на ретките болести, во организација на Националната алијанса за ретки олести на Република Македонија. На настанот присуствуваа и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, претседателот на Комисијата за ретки болести, д-р Злате Стојановски, како и претседателката на Националната алијанса за ретки болести, Наташа Ангелковска.
„Денес, 28 февруари, се приклучуваме кон глобалната иницијатива за подигнување на свеста за лицата со ретки болести. Ова не е само симболичен ден, туку и потсетник на нашата заедничка одговорност да градиме инклузивно општество во кое секој има еднакви можности и пристап до потребната грижа.
Како градоначалник на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС сакам да изразам длабока почит кон сите семејства, медицински професионалци и здруженија, кои секојдневно се борат за подобри услови за живеење и пристап до здравствени услуги за овие лица. Нивната посветеност е клучна за создавање поголемо разбирање и прифаќање во општеството. Ние сме свесни за тоа колку е важно да се создадат политики што ќе ги подобрат условите за живеење на лицата со ретки болести, како и да се обезбеди пристап до неопходни лекови, терапии и поддршка. Преку нашите иницијативи и во соработка со други институции и здруженија, ќе продолжиме да работиме на зајакнување на правата на овие лица и да им обезбедиме пристап до сите услуги што им се потребни за достоинствен живот.
Во насока на поддршка, Општина Кисела Вода веќе трета година обезбедува канцелариски простории за здруженијата што се посветени на лицата со ретки болести. Овие простории, сместени во рамките на општинските објекти, овозможуваат полесен пристап до поддршка и директна соработка со институциите.
Ретките болести не смее да бидат невидливи. Да останеме солидарни и посветени на создавање општество што прифаќа, поддржува и обезбедува достоинствен живот за секого“, истакна претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски,
Македонија
СДСМ: Елена Петрова брутално ја лаже јавноста, повратот на ДДВ доцни и до четири месеци

СДСМ оценува дека Елена Петрова брутално и без трошка осет за одговорност ја лаже јавноста за повратот на ДДВ.
Доволно е, како што велат од партијата на Филипче, да поразговарате со компаниите и менаџерите за да ја слушнете вистината – повратот на ДДВ доцни постојано.
Оваа пракса на задоцнето ДДВ, според нив, не е непозната за ВМРО-ДПМНЕ тие така владееја во време на режимот, така владеат и сега.
„Нема никаква промена и главната цел е притисок врз компаниите и задржување на средства кои нив им се потребни за работење.
СДСМ повеќе пати апелираше дека ова е голем проблем и до нас стигаат секојдневни поплаки од компаниите. Наместо да го решат проблемот и УЈП да биде вистински партнер на бизнисот, тие мислат дека преку лаги може да го покријат својот неуспех и погрешни стратегии“, наведуваат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски, странските инвестиции во 2024 се 90 проценти реализирани од СДСМ, порачуваат од оваа партијата

Премиерот кој секојдневно се кити со туѓи перја, кој не престана да фрла лопати на проекти и инвестиции реализирани од СДСМ, денес се обидува повторно да си присвои заслуги кои не се негови, реагираат од СДСМ.
„Инвестициите во 2024 се резултат на работата на СДСМ и 90% од нив се целосно реализирани или договрени до фаза на реализација од СДСМ. Срамота е да се фали Мицкоски со нешто што не е негова заслуга, но тоа е одлика на оние кои освен манипулации немаат што да понудат.
Единствена заслуга на Мицкоски во економијата е осиромашувањето на граѓаните, неспособноста да се справи со цените и инфлацијата која расте и игнорирањето на барањата за повисоки плати“.
Според СДСМ, економиијата тоне откако Мицкоски ја води државата и тоа е факт кој го чуствуваат сите граѓани.
Му порачуваат, наместо да глуми обидувајќи се да ги покрие сите скандали, да се одважи и да почне реално да работи за луѓето, не за свои интереси.