Македонија
Делегација од COWEB/COELA од Европската Унија во посета на Македонија
Министерт за надворешни работи, Никола Димитров, денеска беше домаќин на средбата организирана во рамките на посетата на Република Македонија од страна на делегација од составот COWEB (за Западен Балкан)/COELA (за проширување) од Европската Унија, под покровителство на Делегацијата на ЕУ во Скопје и австриското претседателство со Европската Унија.

Претставници од министерствата за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија на ниво на директори за ЕУ и Западен Балкан се во посета на земјата со цел размена на мислења за тековните достигнувања во контекст на евроинтеграциите. На состанокот како соговорници присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за внатрешни рабти, Оливер Спасовски, и министерт за информтичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Министерот Димитров во своето обраќање пред гостите се осврна на тековниот развој на внатрешните состојби во земјата, за постреферендумските прашања, за континуираниот развој на активностите и генералните очекувања и потребата од понатамошна поддршка од земјите членки на патот на земјата кон ЕУ.

„Крупни и храбри чекори треба да се преземаат за да се добијат видливи резултати, кои треба да нè доближат до вредностите и стандардите што ги уживаат граѓаните на ЕУ. Тоа е патот по кој тргна оваа Влада, пат кој успешно ќе се изоди преку понатамошно спроведување на домашните реформи, како и преку негување и унапредување на добрососедските односи. Пред да стигнеме во Европа целта ни е да станеме она што е Европа. Само така патот ќе биде пократок и побезбеден“, изјави Димитров.

„Кон крајот на минатиот месец ја имавме првата конференција од објаснувачкиот скрининг со отворање на Поглавјето 23, која заврши исклучително успешно и со која и формално го почнавме нашиот пат до преговорите – јуни 2019“, изјави Османи во рамките на своето обраќање посочувајќи на подготовките и во периодот што претстои, во кој над илјада луѓе во период од 70-ина работни дена ќе го посетат Брисел, каде што ќе се подготвуваат за втората фаза – преговорите.
Министрите за внатрешни работи и информатичко општество и администрација, Спасовски и Маневчски, во своите излагања се осврнаа на клучните постигнувања во областите за кои се надлежни, како и за досегашните и идните конкретни чекори во активностите поврзани со пристапувањето на Република Македонија во ЕУ.
Претставниците од земјите членки на ЕУ покажаа интерес за текот на реформските процеси и дадоа поддршка кон натамошните чекори во евроинтеграциите на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа иницијатива за формирање анкетна комисија за пожарите во Кочани и Тетово и за несреќите на „Дурмо турс“ и „Беса транс“
Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа Иницијатива за формирање анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Македонија, изјави пратеникот Бојан Стојаноски.
Тој појасни дека анкетната комисија ќе има за цел утврдување на одговорност на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите за постапувањето на институциите за следните трагедии и несреќи: пожарот во „Пулс“ во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо Турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија.
„77 – те потписи се доказ дека ние не сакаме да ги политизираме овие трагични настани туку сакаме да помогнеме засегнатите да добијат правда. Сите прашања мораат да бидат одговорени, а сите случаи треба да го добијат неопходниот епилог. Анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124, став 5 од Деловникот на Собранието. Ќе ја сочинуваат 15 членови и нивни заменици, од кои: седум членови ќе бидат предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, два од пратеничката група СДСМ, два члена од пратеничката група ЕВРОПСКИ ФРОНТ, два члена од пратеничката група на ВРЕДИ, еден член од пратеничката група на ЗНАМ и еден член од пратеничката група на ЛЕВИЦА. Со неа ќе претседава пратеник од редовите на опозициските партии“, рече тој.
Стојаноски појасни дека форматот, односно составот е клучната разлика што ја прави оваа комисија деловничка и легитимна, за разлика од некои други обиди во минатото.
„Комисијата ќе изготви наоди кои ќе бидат основ за поведување на постапка за утврдување на одговорност на сите инволвирани кои придонеле кон случување, односно не придонеле кон спречување на овие трагични настани. Секоја пратеничка група има право да предложи листа од сведоци и експерти. Секој сведок или експерт поканет да даде изјава пред Анкетната комисија има обврска да се појави пред пратениците. Притоа, комисијата ќе изготвува извештаи кои ќе се доставуваат до Владата на Република Македонија и Јавното обвинителство“, рече тој.
Стојаноски ги повика пратениците и од другите политички партии да се приклучат кон оваа иницијатива.
Македонија
Промовиран Ресурсниот центар за развој на општините
Министерството за локална самоуправа денеска беше домаќин на настанот за промоција на Ресурсниот центар за развој на општините. На настанот свои воведни обраќања имаа ресорниот министер, Златко Перински, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, Амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации –УНДП, Армен Григорјан.
„Владата има програма, а Министерството за локална самоуправа работи на реализација на конкретни мерки. Градиме концепт за синергија на сите расположливи ресурси во државата кои ќе бидат ставени во функција на општините. Ресурсниот центар е местото кое што ги адресира потребите на општините, начините за нивно решавање, местото кое што ќе понуди експертиза за секој нов предизвик“, нагласи Перински.
На настанот, покрај градоначалниците, присуствуваа и ректорката на УКИМ, главниот државен ревизор, експерти од различни области, претставници на донаторски организации и други државни институции.
„Овој центар не е само нова институционална структура. Тој е јасен доказ дека Македонија ја гради својата иднина врз темели на современо управување, транспарентност и ефикасност. Проектот има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици, преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура. Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати“ , истакна Мицкоски.
Швајцарија е партнер во поддршката на процесите на децентрализацијата и регионалниот развој во Македонија, со цел секој граѓанин каде и да живее и без разлика на неговите околности да има пристап до можности, услуги и подобар квалитет на живот. „Додадената вредност од нашата соработка не произлегува само од финансиската поддршка, туку и од принципите и нормите врз кои се темелиме: инклузивност, транспарентност, отчетност и одржливост. Заедно настојуваме да обезбедиме реформите да не бидат привремени решенија, туку трајни трансформации кои ги зајакнуваат институциите и луѓето. Овој Ресурсен центар е јасен пример за тие вредности.“, истакна амбасадорот Зомер.
Македонија
Мицкоски со порака до градоначалниците: Разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, побарајте експертска помош
Сакам да упатам јасна порака до секој градоначалник, без разлика дали води голема урбана општина или мала рурална заедница: разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, користете ја поддршката, побарајте експертска помош таму каде што постојат предизвици или недостиг на капацитети. Ова не е слабост – ова е мудрост во управувањето, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на отворањето на настан по повод воспоставувањето на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините.
Тој информира дека проектот има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици – преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура.
„Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати. Доброто владеење е повеќе од административна функционалност. Тоа значи институции што работат со интегритет, со координација, со отчетност – како на национално, така и на локално ниво. А токму во оваа рамка, децентрализацијата е еден од најважните столбови“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека иако изминатите две децении се вложени значајни напори за развој на децентрализацијата, резултатите сè уште не се на нивото кое граѓаните го заслужуваат.
„Особено во делот на квалитетните јавни услуги, управувањето со ресурсите, како и во создавањето услови за локален економски развој. Локалните власти се одговорни за многу клучни политики кои секојдневно го допираат животот на граѓаните – и токму затоа мора да бидат силни, стручни и ефикасни. Ресурсниот центар е нашиот заеднички одговор на овие реални предизвици. Владата, преку Министерството за локална самоуправа, создава механизам со кој општините добиваат стратешка поддршка, експертиза и инструменти за подобра имплементација на децентрализацијата и на рамномерниот регионален развој. Зајакнувањето на општините не е трошок – тоа е инвестиција. Инвестиција во подобар живот, во одржлив развој, во стабилност на локалните заедници и во функционална држава што знае каде оди и што гради“, рече Мицкоски.

