Македонија
Дел од булеварот Партизански одреди викендов ќе биде затворен за сообраќај
Поради градежни активности за поставување на гасоводна цевка од утре, сабота, од 6 часот, па до недела, 2 јуни, целосно затворен за сообраќај ќе биде булевар Партизански одреди, и тоа од вкрстувањето со улица Бледски договор (после поликлиниката „Букурешт“) до вкрстувањето со улиците Љубљанска и Московска (ТЦ Сити мол), а автобусите од јавниот превоз што сообраќаат во тој дел ќе бидат пренасочени.
При времениот, изменет режим на сообраќање, автобусите ќе ги користат постоечките постојки на трасите.
Времено по изменети траси од вообичаените ќе сообраќаат:
Линиите: 2, 2А, 4, 12, 21, 22, 22А, 24
*Во правец од Центар према Карпош ќе бидат пренасочени од булевар Партизански одреди, по улица Бледски договор (болница „8 Септември“), булевар Илинден, улица Љубљанска (терминал Карпош 4), булевар Партизански одреди и секој по своја траса.
*Во обратен правец по истата траса.
Линиите: 32, 56, 56А, 11, 11А, 60, 64А
*Во правец према Ѓорче Петров ќе бидат пренасочени од булевар Партизански одреди по булевар 8 Септември, булевар Илинден, улица Љубљанска (терминал Карпош 4), булевар Партизански одреди и секој по своја траса.
*Во обратен правец по истата траса.
Линиите 4А и 28 во Тафталиџе ќе го користат терминалот од линија 24 како почетна/крајна постојка.
Линиите: 7, 15, 15А, 19 и 59
*Во правец према Карпош ќе бидат пренасочени од булевар Партизански одреди, по улица Бледски договор (болница „8 Септември“), булевар Илинден, улица Никола Парапунов (Стара телевизија), лево на булевар Партизански одреди и пред ТЦ Сити мол, лево на улица Љубљанска, при што терминалот Карпош 4 ќе го користат како крајна и почетна станица.
*Во обратната насока ќе тргнуваат од терминалот Карпош 4 и секој ќе се движи по својата вообичаена траса.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

