Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, на денеска поради санирање појавен дефект на водоводна мрежа со пречник Ф-1 цол на улицата Ванчо Мицков бр. 18, во општина Карпош, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на интервенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Еден осуденик месечно ја чини државата околу 1.000 евра, Пандов рече дека пробацијата не се користи доволно

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, изјави дека државата месечно троши околу 1.000 евра за еден осуденик, нагласувајќи дека пробацијата во Македонија не се користи доволно, иако постои веќе шест години.
На работниот состанок „Пробација и условен отпуст“, што денеска се одржува во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје, беше посочено дека над 900 лица во моментов се под пробациски мерки, а системот има капацитет да опфати уште многу повеќе.
„Има многу поголем капацитет и многу почесто и подолги треба да бидат тие условни отпусти. Голем дел од осудените лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, со препорака од секторот за ресоцијализација и директорите на затворите“, рече Пандов.
Тој посочи дека соработката со невладини организации е активна, а пробациските мерки се применуваат според видот на делото – од домашно насилство до злоупотреба на наркотични средства. Во моментов има над 100 барања за прекин на пробацијата, најчесто поради непочитување на препораките.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, истакна дека целта на казнувањето не е само санкцијата, туку и ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите. „Условниот отпуст игра важна улога во таа насока“, рече Камбовски.
Македонија
ОКТА со поддршка на Црвениот крст во борба против гладот, 16 години со заедничка цел

ОКТА АД – Скопје повторно, 16-та година по ред, ја потврдува својата долгорочна посветеност кон општествено одговорното делување преку поддршка на кампањата на Црвениот крст на Град Скопје „Помислете на нас“. По повод обележувањето на 16 октомври, Светскиот ден на борба против гладот, иницијативата има цел да ја подигне свеста за важноста на борбата против оваа негативна појава, како и да обезбеди директна помош за социјално ранливите категории граѓани.
Во рамки на кампањата која ќе се одвива од 16 до 22 октомври оваа година, компанијата обезбедува финансиски средства за подготовка на пакети со прехранбени производи, кои ќе бидат дистрибуирани до семејствата и лицата кои се соочуваат со социјални и економски предизвици.
„Поддршката на кампањата ‚Помислете на нас’, за нас во ОКТА претставува не само финансиска помош, туку и конкретен израз на солидарност и грижа за оние на кои таа поддршка им е најпотребна. Секој пакет кој ќе стигне до граѓаните кои се во социјален ризик е потсетник дека заедно можеме да направиме вистинска разлика и да изградиме општество во кое солидарноста е вредност што сите ја споделуваме“, изјави Антонио Велковски, претседател на организацијата на Црвен крст при ОКТА.
Кампањата „Помислете на нас“ е дел од традиционалното обележување на Светскиот ден на храната, иницијатива што има цел да ги потенцира напорите за намалување на гладот и сиромаштијата на локално и глобално ниво.
Компанијата преку оваа иницијатива и долгорочната соработка со Црвениот крст, ја покажува својата одговорност и посветеност кон заедницата и го потврдува својот статус на доверлив партнер на Црвениот крст, активно придонесувајќи кон хуманитарни активности, со фокус на директна поддршка, кои овозможуваат повисок квалитет на живот на најранливите членови на заедницата.
(ПР)
Македонија
Ѓорѓиевски и Мециновиќ ќе се соочат на дебата

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја прифати поканата за телевизиска дебата со својот противкандидат Амар Мециновиќ од Левица, која до него ја доставила Канал 5 телевизија.
„Граѓаните заслужуваат отворена и аргументирана дебата, во која секој кандидат ќе ги претстави своите визии, програми и решенија за иднината на Скопје“, изјави Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека транспарентноста и почитта кон граѓаните се темели на вистинска демократија.
Тој додаде дека ова е прва телевизија со национална концесија што упатила официјална покана за дебата.
Партијата Левица по влезот во вториот круг на локалните избори го повика Ѓоргиевски да се соочи со Мециновиќ на телевизиска дебата.
Вториот круг од локалните избори за градоначалник на Скопје ќе се одржи на 2 ноември.