Македонија
Демири: Потпишав дека невакцинирани и некомплетно вакцинирани деца не може да одат во градинка, се знае што е невакцинирано
Mинистерот за здравство Илир Демири рече дека според податоците има 14 илјади невакцинирани деца и дека не треба да се чека да се прогласи епидемијата на државно ниво.
Тој жали што одредени деца со задоцнување се вакцинирани, но дитепер е со три дози, се спроведува во вториот, четвртиот и во шестиот месец, и вели дека ако е завршено ова, се работи за пациент што е вакциниран, потоа следува ревакцинација.
„Забраната треба да важи за пациенти што не се вакцинирани“, вели министерот.
Според него, фокусот на Министерство за здравство треба да биде консензибилизација на вакцинација.
„Сега сме пред епидемија што може да порасне, да бидеме на иста страна во обезбедување на здравјето. Комисијата ќе има состанок и коментар од тој состанок што ќе го почитуваме сите. Според прописите и сознанијата, ако некој е комплетно вакциниран, не гледам зошто да биде попречен да присуствува. Три примени дози за да биде комплетно вакциниран, а после се ревакцините. Дали децата што немаат примено ревакцина може да одат во градинка треба да кажат Комисијата за заразни болести и ДСЗИ. Да не падне сензибилитетот за кампањата за вакцинација, овие формалности ќе се решат утре по состанокот на Комисијата“, изјави Демири.
Во однос на тоа дека во дел од вакциналните пунктови ги ревакцинирале децата по шест месеци по третата доза вакцина, а некои кажуваат дека треба да помине една година по третата доза за детето да прими ревакцина, министерот рече дека ќе иницира вонреден состанок на Комисијата и ќе излезе со став како треба да се постапува за сите.
„Сите овие дилеми се појавиле во јавноста, писмено се стигнати до Комисијата, ќе иницирам вонреден состанок на Комисијата и ќе излеземе со став како треба да се постапува за сите. Не е хаос, хаос поголем ќе се направи ако не се вакцинираат. Сите треба да имаме трпение, да изнесуваме стручни ставови“, рече Демири.
Министерот објасни дека побарал од ДСЗИ да спроведе активности и да се забрани пристап на деца во градинки што се невакцинирани и нецелосно вакцинирани.
„Вакциниран подразбира дека детето има примено три дози, се смета за некомплетно вакциниран ако не ја примил третата доза, а дали е ревакциниран е друго прашање. Сакам да бидам концизен и да не излегуваме со разни ставови, ќе има еден став до кој сите ќе се придржуваме“, рече тој.
Министерот рече дека не е некоја грешка ако докторите им кажуваат на родителите да го донесат детето на ревакцинација по шест месеци, ако со правилник е наложена една година.
„Не сакам да изнесувам ставови што нема да ни послужат. Постои друга шема за брза имунизација и може да се поместат ако е поголемо детето, ако е ризикот поголем. Но, тоа се медицински ставови ,на кои имаат право да се одлучат лекарите, не е некоја грешка да се одлучат за таква брза вакцинација и ревакцинација“, објасни Демири.
„Јас потпишав невакцинирано и некомплетно вакцинирани деца дека не може да одат во градинка, се знае што е невакцинирано, во интерес на сузбивање на епидемијата на пертусис, овие дилеми ќе ги разрешиме утре, ќе ви дадеме точен одговор на сите дилеми“, додаде министерот.
Како што рече, на 15 овој месец стигнуваат вакцини наменети за возрасната популација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

