Македонија
Демири: Потпишан двегодишниот договор за соработка со СЗО, продолжуваме со заложбите за унапредување на здравствениот систем
Министерството за здравство, претставено од д-р Илир Демири, заедно со д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, го потпиша двегодишниот договор за соработка меѓу Министерството за здравство и Светската здравствена организација за периодот 2024 – 2025 година.
Министерот Демири потенцира дека СЗО е постојан партнер на Министерството во заложбите за унапредување на капацитетите на нашиот здравствен систем.
„Показател за нашата континуирана и успешна соработка се многуте проекти реализирани со поддршка на СЗО во јавните здравствени установи во државата. Во оваа пригода би сакал да изразам искрена благодарност до регионалниот директор на СЗО, д-р Ханс Клуге, за континуираната поддршка во насока на зајакнување на здравствениот систем во Северна Македонија, како и за постојаната поддршка од канцеларијата на СЗО во Скопје во спроведување многубројни активности“, рече Демири.
Во своето излагање министерот посочи дека Северна Македонија е земја со аспирации кон Европската Унија и токму затоа се стремиме кон исполнување на сите обврски што произлегуваат од процесот на пристап кон ЕУ, како и исполнувањето на глобалните и регионалните обврски, особено на целите за одржлив развој на Обединетите нации, европската програма на СЗО за здравје 2021 – 2025 и патоказот за Западен Балкан.
Во своето излагање регионалниот директор на СЗО за Европа, д-р Ханс Клуге, честитајќи му на министерот за одличната соработка досега, изрази решеност за продолжување на соработката и во иднина.
„Презедовме низа активности за да ги зајакнеме управувачките функции на Министерството за здравство. Многу се гордеам стие активности бидејќи се од заеднички интерес. Ви се заблагодарувам за поддршката при успешното спроведување на здравствените политики на одржлив начин, Северна Македонија е пример за целиот регион на Западен Балкан“.
Министерот Демири истакна: „Во изминатиот месец откако сум назначен на позицијата министер за здравство, еден од моите главни приоритети е токму одржувањето континуитет во спроведувањето на овие активности“.
Потпишувајќи го двегодишниот договор за соработка, министерот Демири и регионалниот директор Клуге им се заблагодарија за успешната работа и на колегите од СЗО во Скопје, предводени од д-р Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО за Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.