Македонија
Демократскиот сојуз бара да се врати предметот историја по старата програма како посебен предмет
Демократскиот сојуз го повикува Министерството за образование да ги прекине активностите за менување на наставната програма за шесто одделение и воведување нов предмет историја и општество од следната учебна година, кој треба да замени три одделни предмети – историја, географија и граѓанско образование.
„Предупредуваме дека со механичко мешање на наставните содржини на три предмети се маргинализира изучувањето историја, кој е исклучително важен предмет за сочувување и јакнење на националниот идентитет и за формирање на личноста на младите“, предупредува Демократскиот сојуз.
Од партијата ја осудуваат оваа контроверзна образовна реформа, како што велат, уште кога беше ненаучно и насилно накалемена од тимот на ексминистерката за образование, Мила Царовска.
„Тогаш предупредивме дека експериментот, кој преку спојувањето повеќе предмети ќе се испробува во Македонија врз грбот на нашите најмлади, во таква форма не постои никаде во Европа и во цивилизираниот свет кон кој се стремиме“, соопшти ДС.
Од таму инсистираат дека спојувањето на предметот историја со повеќе други предмети испраќа порака дома и кај нашите соседи дека на Македонците историјата не им е важна, што може да се сфати како сечење на корените на македонскиот народ и обид за негово бришење од картата на народите поради што мораме да бидеме внимателни.
Демократскиот сојуз предупредува дека со брзоплето менување на наставната програма и пишувањето збирни учебници за три предмети новите генерации ученици ќе бидат осакатени во знаењето, зашто, како што додаваат, ниту ќе научат историја, ниту географија, ниту ќе стекнат граѓанско образование.
„Не сакаме да веруваме дека овие реформи се како резултат на договорот за добрососедство со Бугарија и одлуките што ги носи заедничката Комисија за историски и образовни прашања“, порачаа од ДС.
Тие ја повикаа Владата да ги разгледа сите аспекти на реакциите од експертите и партиите и да престане да ги третира учениците како експериментални глувци. Демократскиот сојуз бара Владата да го врати предметот историја во формата како што досега се изучуваше – како посебен предмет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

