Македонија
Демократскиот сојуз: СДСМ и ДУИ го блокираат законот за борба против корупцијата
Со гласањето против донесување на законот за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција на Комисијата за политички систем и на Законодавно-правната комисија во Собранието, СДСМ и ДУИ во суштина ја блокираат борбата против криминалот што го прават функционерите, велат од Демократскиот сојуз.
Двете владејачки партии, како што наведуваат од партијата на Павле Трајанов, на овој начин спречуваат да се формира независна институција – агенција за борба против криминалот, надвор од политички, партиски и коруптивни влијанија.
Оваа агенција треба да ги открива криминалот и високата корупција, да го детектира скриениот имот на функционерите во државата и странство, да предлага конфискација на имот и забрана за политичко дејствување.
Во законот се вградени системски решенија, кои ја гарантираат независноста на агенцијата. Со агенцијата ќе раководи директор, кој ќе го поставува борд составен од кадри со висок интегритет и кредибилитет, а во неа ќе работат професионалци, кои ќе имаат посебни права и овластувања.
„Криминалот ги разорува институциите и државата во целина, го загрозува правниот поредок и правната сигурност, ги осиромашува граѓаните, поради што младите заминуваат во странство. Без реформи на системот за откривање и сузбивање на корупцијата, како и без коренити реформи на правосудниот систем, се оддалечуваме од ЕУ и од европските вредности. Партиите што ги кочат реформите за поефикасна борба против високата корупција во суштина се против полноправно членство на Македонија во Европската Унија“, велат од Демократскиот сојуз.
Партијата нагласува дека за шест години не е спроведена ниту една реформа и затоа имаме криминализација на државата и целосен колапс на државните институции. Инаку, како што се додава, најопасен е институционалниот криминал, кој и деновиве се одвива пред очите на јавноста со измена на девет закони, со кои треба да се покријат коруптивните елементи на договорот за изградба на коридорите 8 и 10 д со „Бехтел и Енка“.
Инаку, законот за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција е во согласност со Уставот, со Законот за кривичната постапка и со меѓународните договори и не е во колизија со други закони. Со него се обезбедува координација на институциите задолжени за борба против организираниот криминал, а во случаите на непостапување Агенцијата ќе може да преземе посложен корупциски предмет од друга институција и да го сработи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.