Македонија
Демократскиот сојуз: ДУИ и СДСМ да не го блокираат изборот на член на ДИК

Демократскиот сојуз ги повикува ДУИ и СДСМ да не го блокираат изборот на член на Државната изборна комисија поддржан од опозициските политички партии на Албанците бидејќи тоа е законска обврска.
„Алијансата на Албанците една година е дел од парламентарното мнозинство и партиципира со свои министри во Владата и другите ешалони на власта и нема законски основ да предлага, односно да поддржува кандидат за член во ДИК.
Решенијата од Изборниот законик се јасни и опструкциите од ДУИ и СДСМ укажуваат на можно сценарио за кршење на изборните правила и оспорување на изборните резултати“, велат од оваа партија.
Ја повикуваат Комисијата за избори и именувања да постапи во согласност со законите и да не биде дел од сценариото за блокада на комплетирањето на ДИК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши-Дукај: Интеграцијата во ЕУ е клуч за развојот на земјите на Западен Балкан

На денешната средба со министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, претседателот на Собранието Африм Гаши ги истакна добрите односи помеѓу двете земји и изрази подготвеност за зајакнување на соработката во сите области, во полза на исполнување на заедничката цел на двете земји, а тоа е интеграцијата во Европската Унија.
Интеграцијата во ЕУ е клуч за развојот на земјите на Западен Балкан и можност за сите народи во Регионот да се обезбеди перспектива за идните генерации, затоа што иселувањето на младите е актуелна грижа за Регионот.
Министерот Дукај рече дека регионалната соработка помеѓу двете земји е важна заради тоа што како мали земји заедно можеме повеќе да постигнеме во напорите за европска интеграција. Реформите на јавната администрација, а посебно дигитализацијата и правичното застапување на етничките заедници, се области во кои двете земји можат да соработуваат преку размена на мислења и добри практики.
На крајот на средбата, соговорниците изразија надеж дека Северна Македонија и Црна Гора ќе ги совладаат престојните предизвици и успешно ќе го продолжат патот кон Европската Унија. Тие, исто така, оставија отворена врата за понатамошни контакти и унапредување на односите помеѓу двете земји.
Македонија
Минчев-Дукај: Зајакнување на јавната администрација преку регионална соработка

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари билатерална средба со својот колега, министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, во Скопје. Целта на оваа средба е зајакнување на билатералната соработка помеѓу двете земји во областа на јавната администрација.
Министрите разменија визии и идеи за унапредување на реформските процеси и примена на современи методологии кои ќе придонесат кон создавање на поефикасна, транспарентна и граѓански ориентирана администрација.
„Реформата на јавната администрација не е само внатрешна обврска, туку и надворешен сигнал, дека нашите институции се подготвени за европските стандарди, за модерно управување и вистински партнерства во регионот. Токму оваа соработка е доказ за тоа, што ја потврдува нашата посветеност кон транспарентност, ефикасност и заемна поддршка на патот кон европската интеграција.“ изјави Минчев.
Во јуни годинава беше потпишан Меморандум за соработка, кој служи како цврста основа за стратешка и континуирана комуникација меѓу двете министерства, овозможувајќи заедничка реализација на проекти и иницијативи поддржани од меѓународни партнери и Европската Унија.
„Во согласност со стратешката определба за воспоставување на ефикасна, модерна и граѓански ориентирана јавна администрација, ја препознавме важноста на регионалната соработка и размената на најдобри практики во оваа област. Потпишувањето на Меморандумот претставува значаен чекор кон зајакнување на институционалните капацитети и унапредување на партнерските односи“ додаде Дукај.
Министерството за јавна администрација, како што нагласуваат од таму, останува посветено на унапредување на меѓународната соработка и градење на партнерства кои придонесуваат за професионални и поефикасни институции.
Македонија
Димовска-Вал: Соработката е клуч за успех на реформите

Денеска, генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Марина Димовска оствари средба со амбасадорот на ОБСЕ, Килиан Вал.
На средбата Димовска го запозна амбасадорот Вал со тековните процеси на кои активно работи собраниската служба, осврнувајќи се на неодамна донесениот Правилник за внатрешна организација на Службата на Собранието на Република Северна Македонија и изработената Функционална анализа, со која се унапреди ефикасноста на собраниската служба, како и на резултатите од донесениот Етички кодекс на службата на Собранието и работата на Етичкиот комитет и Повереникот за етика. Генералната секретарка го нагласи донесувањето на Акцискиот план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите на Собранието на Република Северна Македонија 2025-2027 и искажа благодарност за целокупната поддршка на Канцеларијата на ОБСЕ за проектите кои се реализираат во Собранието во рамки на овој План и искажа надеж дека поддршката ќе продолжи и во иднина.
Амбасадорот Вал истакна дека особено е значајно што поддршката од ОБСЕ е отелотворена преку конкретни резултати кои ги унапредуваат капацитетите на службата на Собранието. Вал потврди дека поддршката и соработката ќе продолжат во сите сфери од интерес, врз темелите на веќе реализираните проекти. Искажа и почитување за тоа што во Работна група надлежна за следење на реализацијата на активностите предвидени со Акцискиот план вклучува и претставник од ОБСЕ, како претставник на развојните партнери на Собранието.
Соговорниците се согласија дека непосредната, директна и постојана комуникација меѓу Собранието и развојните партнери е особено важна за успешна реализација на реформите за унапредување на работата на Собранието.