Македонија
Демократски сојуз: Парламентот на Бугарија го бугаризира и Илинден
Наместо подобрување на односите, Бугарија со смислена провокација пред Илинден, националниот празник на Македонците и Македонската држава, со резолуција сака да го бугаризира Илинден, соопшти денес Демократски сојуз.
Во услови кога ДУИ и СДСМ започнаа постапка за уставни промени, со цел Бугарите да бидат внесени во Уставот на Македонија, Движењето за промени на Кирил Петков (наводниот демократ), тргна по патот на Каракачанов, предлагајќи Бугарскиот Парламент да донесе Декларација со која Илинденското востание ќе го прогласи за бугарско, коментираат од партијата.
-Оваа Декларација покажува дека уставните промени нема да го отворат европскиот пат за Македонија, туку ќе се искористат за поагресивна антимакедонска кампања, негирање на македонскиот народ, јазик, историја и култура. Македонската дипломатија предводена од ДУИ, ги загрозува нашите национални и државни интереси, поради што се неопходни коренити кадровски промени. И покрај очигледните анационални активности, криминалот, блокада на институциите, огромно незадоволство на граѓаните, СДСМ не трепнува, за сѐ ги обвинува тие што пред седум години биле на власт, но не им сметаше со дел од нив да прават бизнис коалиции, велат од ДС.
Демократски сојуз изјавува дека без реципроцитет, уставни промени нема да има и додава дека само со признавање на правото на здружување на Македонците во Бугарија, можно е да очекуваме промени на подобро, а на СДСМ ѝ порачуваат дека треба да ги преспита своите ставови, дали ќе оди на предвремени избори или и натаму ќе го одржува ДУИ на власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граделе во заштитена зона на Шара – кривична за двајца мажи
Двајца мажи се соочуваат со кривична пријава откако, според полицијата, нелегално граделе во зона на Националниот парк „Шар Планина“.
Станува збор за Ф.Ш. (65) од Тетово и И.А. (45) од селото Бродец, кои во текот на 2025 година, во атарот на селото Гајре, изградиле шест бетонски столбови без да обезбедат дозвола за градба од Општина Тетово.
Кривичната е поднесена кривична пријава за „бесправно градење“.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.

