Македонија
Демократски сојуз: Со Бугарија немаме заедничка историја
Со Бугарија немаме заедничка историја, велат од Демократски сојуз. Од партијата велат дека негирањето на македонскиот национален идентитет од страна на Владата на Бугарија е класичен непријателски чин, а ветото на евроинтеграцискиот процес на Македонија е антицивилизациско, антиевропско однесување, со тешки последици по безбедноста, стабилноста и мирот на Балканот и пошироко.
„Треба многу јасно да ѝ соопштиме на Владата на Бугарија, дека немаме заедничка историја, дека македонскиот народ има посебна автентична историја и ‘корења’ и дека не прифаќаме уцени и условувања како суверена и независна, проевропска и модерна држава“, велат од ДС.
Демократскиот сојуз ги повикува лидерите на земјите членки на Европската Унија да направат сè што е во нивна моќ, Македонија да може да чекори напред.
„Сигурни сме дека само на тој начин ЕУ ќе влијае на стабилноста, јакнење на демократските капацитети и економскиот развој на балканските држави. Правдата, меѓусебното разбирање, почитување на различностите и разрешување на отворените прашања преку дијалог, се вредности за кои се залагаме и за кои сме цврсто определени. Сме за добри односи со сите соседи, вклучително и со Република Бугарија, без какви било резерви и условувања. Наместо негирања и блокади, сме за слободно движење на луѓето, капиталот и идеите“, велат од Демократски сојуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски го посети штандот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“: Информативни табли со QR-код за брзо плаќање
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го посети штандот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, каде што заедно со директорот Душко Коцевски разговараа за новите услуги и иновации во системот за паркирање.
Коцевски го информираше Герасимовски дека на новите информативни табли на ПОЦ е поставен QR-код со директен линк, што овозможува едноставно и брзо плаќање на паркинг услугата со платежна картичка, без потреба од регистрација или испраќање SMS порака.
„Одличен потег на ЈП ПОЦ за модернизација и поефикасно паркирање во општината. Ги следиме модерните трендови за побрзи и електронски достапни услуги со кои корисниците ќе можат полесно и поедноставно да ги користат услугите“, истакна Герасимовски.
На информативниот штанд беа промовирани и нови типови паркинг-карти достапни на веб-страницата www.poc.mk, како што се мултинеделната карта и гостинските паркинг-карти, кои нудат поголема флексибилност и ефикасност при користење на паркинзите во општина Центар.
Македонија
Минчев-Сулстром: Целта е да изградиме јавна администрација која е сервис на граѓаните, професионална, транспарентна и насочена кон резултати
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Македонија, Ола Сулстром. На средбата, Минчев и Сулстром разговараа за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на јавната администрација и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Министерот изрази благодарност за континуираната поддршка на Кралството Шведска во реформските процеси и потенцира дека овие партнерства се од суштинско значење за унапредување на квалитетот на јавните услуги и институционалната ефикасност.
„Нашата цел е да изградиме јавна администрација која е сервис на граѓаните, професионална, транспарентна и насочена кон резултати. Поддршката од нашите меѓународни партнери, како што е Шведска, е од големо значење во овој процес на модернизација и институционална зрелост“ изјави Минчев.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за понатамошна соработка, размена на искуства и спроведување на заеднички проекти во областите на модернизација на јавниот сектор, управувањето со човечките ресурси, транспарентноста, отчетноста и примена на добри европски практики.
Министерството за јавна администрација, велат од таму, ќе продолжи активно да работи на воспоставување и јакнење на партнерства со земјите членки на Европската Унија, со цел приближување на стандардите и вредностите на европското управување.
Македонија
Општина Центар: Нови услуги за полесно паркирање
Во насока на подобро информирање на граѓаните и зголемување на достапноста на услугите, денес беше реализирана информативна акција во населбата Капиштец – пред Т.Ц. Беверли Хилс, на која на граѓаните им беа поделени информативни материјали и производи со цел подобро запознавање со новитетите во системот на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Граѓаните, како што посочуваат од општината, имаат можност да користат нови типови на паркинг-карти кои се достапни на веб-страницата www.poc.mk, како што се мулти-неделната карта и гостинските паркинг-карти, кои нудат поголема флексибилност и ефикасност при користење на паркинзите во општина Центар.
Мулти-неделната паркинг-карта се купува онлајн, без потреба од физичко присуство на шалтер. Оваа карта важи седум дена и овозможува паркирање на сите комерцијални паркиралишта од отворен тип во зона 1 и зона 2. Воведени се и гостински паркинг-карти, наменети исклучиво за жителите на општина Центар со активен кориснички договор. Тие им овозможуваат на жителите полесно да им обезбедат паркинг-место на своите гости. Овие карти важат и за комерцијалните и за резидентните отворени паркиралишта во секторот каде што живее корисникот.
Најновата услуга што ЈП ПОЦ ја воведе е онлајн плаќање со платежна картичка без потреба од најава, апликација или регистрација. На информативните табли на паркинзите е поставен QR-код и директен линк што води до страницата за плаќање, со што процесот е едноставен, брз и достапен за сите корисници.
На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, кои остварија средби со жителите и ги запознаа со новите услуги.
„Со воведувањето на новите типови паркинг-карти, како мулти-неделната и гостинската, овозможуваме граѓаните да имаат поголема контрола и удобност при користење на нашите паркинг-услуги. Целта ни е системот да биде практичен, дигитален и прилагоден на реалните потреби на жителите на Центар,“ изјави Душко Коцевски, директор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
„Како локална самоуправа, континуирано инвестираме во дигитални решенија кои им го олеснуваат секојдневието на граѓаните. Со новиот начин на онлајн плаќање и модернизацијата на паркинг-системот, правиме значаен чекор кон поквалитетни, побрзи и потранспарентни јавни услуги. Центар ќе продолжи да биде пример за општина што ги користи технологијата и иновациите во служба на граѓаните,“ изјави Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.

