Македонија
Демократски сојуз: Ја поздравуваме одлуката на Пендаровски да не го потпише законот за дивоградбите
Демократскиот сојуз соопшти дека ја поздравува одлуката на претседателот Стево Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.
„ Доколку ваквото законско решение стапеше на сила, тоа ќе ги наградеше прекршителите на законот, правејќи огромна неправда и дискриминација на оние граѓани кои чесно плаќаат комуналии и ја почитуваат законската процедура при изградбата на објекти за домување. Истовремено, ќе беше сигнал за сите граѓани непречено да градат нови дивоградби, надевајќи се дека во иднина ќе има нова амнестија“ велат од партијата.
Оттаму потсетуваат дека пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, заедно со независните пратеници на ЛДП и ДОМ, не гласаа за законот и побараа од претседателот Пендаровски да не го потпише.
„ Демократскиот сојуз останува цврсто против легализација на дивоградбите и ја повикува Владата да го повлече законот и да не го доставува во Собранието на повторно одлучување. Доколку законот во иста форма се врати во Собранието, ќе ги искористиме сите деловни можности за да не се донесе зсконот во ваква форма и решенија, кои се спротивни на темелните Уставни решенија и повеќе други системски закони“ се наведува во соопштението на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

