Македонија
Дендијас до Џафери: Продолжете да ја негувате европската идеја меѓу граѓаните
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, кој престојува во официјална посета во нашата земја.
Како што информираат од кабинетот на Џафери, во фокусот на средбата била билатералната соработка меѓу двете земји и можностите за нејзино унапредување во иднина.
Претседателот Џафери нагласил дека имплементацијата на Договорот од Преспа придонела за членство на земјата во НАТО, во Јадранско-јонската стратегија и имплементацијата на втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ.
Тој упатил и благодарност за донацијата од Грција во рамки на мерките за надминување на вирусот Ковид-19, а во контекст на НАТО, ги издвоил придобивките од техничките аранжмани за заштита на нашиот воздушен простор.
Истовремено, претседателот на Парламентот изразил очекување дека наскоро ќе бидат донесени ратификациите во грчкиот парламент со кои се унапредува соработката со Северна Македонија во повеќе области, вклучително и во делот на евроинтеграциите.
„Недобивањето на датум за одржување на првата меѓувладина конференција и неговото одложување има негативно влијание на перцепцијата кај граѓаните за евроинтеграцискиот процес и може пошироко да се одрази и на останатите земји во регионот, со оглед на фактот што земјата ги исполни сите потребни критериуми и тоа треба да биде што поскоро надминато“, заклучил Џафери.
Грчкиот министер ја нагласил важноста на институциите во унапредувањето на меѓусебната доверба и заемните односи меѓу двете земји.
„Северна Македонија и Грција имаат заедничка иднина во Европската Унија и тоа е прашање на принцип за Република Грција, која активно ги поддржува легитимните европски аспирации на Република Северна Македонија. Од тие причини, се вложуваат континуирани напори за што поскоро надминување на предизвикот кој стои на тој пат“, посочил Дендијас.
Тој воедно упатил апел до претседателот Џафери и колегите пратеници да продолжат да ја негуваат европската идеја меѓу граѓаните бидејќи, како што рекол, истата не е проект на една влада и една генерација, туку континуитет на споделување европски вредности на целиот континент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

