Македонија
Денеска во Кочани ќе се одржи осмиот „Марш за ангелите“
Семејствата на загинатите во кочанската дискотека денеска во 16 часот и 5 минути ќе го одржат осмиот „Марш за ангелите“.
Маршот, кој истовремено ќе биде посветен и за поддршка на повредените лица во трагедијата, ќе почне од Паркот на Револуцијата, ќе продолжи низ Трговскиот центар до пред Општина Кочани, а оттаму кон Полициската станица, Основниот суд и Обвинителството во Кочани.
Организаторите ги покануваат сите граѓани кои даваат поддршка на нивните барања да им се придружат.
Истрагата за пожарот е завршена. Вкупно 46 лица се осомничени во истрагата на ОЈО Скопје, и 14 полициски службеници во постапката која ја води Обвинителството за гонење организиран криминал. Се товарат за тешки кривични дела против општата сигурност.
Истражниот тим од 13 обвинители од Кочани, Скопје, Штип и Куманово ја завршија истрагата пред законски предвидениот рок. Работеа и издаваа наредби за прибирање на докази, документација, вештачења од обдукциите за да се утврдат причините за смрт на починатите. Се вршеа и градежни вештачења, безбедносни стандарди, како и начинот на настанување и ширење на пожарот.
„Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените. Од бројни електронски уреди (компјутери и мобилни телефони) се вршеше извлекување и анализа на податоци, кои се вкрстуваа со останатите информации добиени во текот на истрагата. Во однос на работата и функционирањето на клубот проверки по насока на јавен обвинител вршеше и Управата за финансиска полиција“, соопштија од ОЈО Скопје.
Течат роковите каде одбраната може да предложи свои докази.
Доказите за полициските службеници пак, ќе бидат доставени до Обвинителството за гонење организиран криминал, каде истрагата се уште е во тек.
Осоминчени за пожарот во дискотеката на 16 март каде загинаа 62 лица, се тројцата поранешни градоначалници на Кочани, кои раководеле со општината од отворањето на дискотеката до денот кога изгоре. Ефективниот притвор им беше заменет со куќен притвор.
Осомничени се и поранешните министри за економија за издавање на лиценци на дискотеката иако не ги исполнувала условите, во куќен притвор се екс министрите Беким Незири и Ваљон Сарачини, како и Крешник Бектеши откако ефективниот притвор му беше заменет со куќен притвор.
Во куќен притвор е и поранешниот директор на пазарниот инспекторат Горан Трајковски, како и поранешниот и актуелен директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Осомничени и во притвор како и со мерки на претпазливост се и сопственикот на дискотеката, сопственикот на објектот, обезбедувањето таа вечер, полициски службеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.
Македонија
15 возачи лишени од слобода поради возење без возачка дозвола и под дејство на алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата, во текот на вчерашниот ден, лишиле од слобода 15 возачи, од кои шест за возење под дејство на алкохол, на територија на Делчево, Кичево, Гевгелија, гевгелиско и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, пет лица се лишени од слобода затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на Скопје, Градско, светиниколско, Прилеп и неготинско. Четворица возачи пак се лишени од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа еден во Гевгелија, еден во Скопје, а двајца во тетовско. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

