Македонија
Денеска и утре на дел од просторот на комплексот „Св. Наум“, Армијата ќе реализира тактичко-технички активности

Денеска, од 11 до 14 часот, и утре (1.8.2024), од 12 до 14 часот, на дел од просторот на комплексот „Св. Наум“ во Охрид, припадници на Армијата на РСМ ќе реализираат тактичко-технички активности.
Притоа, припадниците на Баталјонот за специјални сили, во водите на Охридското Езеро кај комплексот „Св. Наум“, ќе употребат атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема.
Сите активности во рамките на тактичко-техничките активности, покрај воено, ќе имаат и полициско обезбедување, што ќе го извршуваат припадници на Полициската станица Охрид и Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.
Надлежните апелираат до граѓаните да ги почитуваат насоките на службените лица задолжени за обезбедување на овој настан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Театарот на апсурдот продолжува, нема да молчиме, порачуваат од ДУИ

Сѐ повеќе медиуми, и аналитичари, експерти и граѓани се во неверување — како е можно следново:
Министерот за внатрешни работи – 13 месеци на функција. Директорот на Јавната безбедност – 9 месеци. Министерот за економија – 9 месеци. Директорот на Државниот пазарен инспекторат – 9 месеци. Управата за јавни приходи – 9 месеци. Овие лица се директно надлежни, институционално и правно, да вршат контрола, надзор и да спречат трагедии од ваков тип. Овие се луѓето кои денес имаат моќ да влијаат врз доказите и да вршат притисок врз сведоците. Но, ниеден од нив не одговара’, велат од ДУи.
Наместо тоа, според партијата на Ахмети, има извртување на правдата и како што велат, во притвор се оние кои не се на функција, немаат институционално влијание, и не можат да го попречат процесот.
Како што нагласуваат во оваа партија, дури и студент на прва година од Правен факултет знае дека не постои причински последична врска низ годините, кога сите дозволи и лиценци се обновуваат секоја година.
„Значи, ова не е правда. Ова е трансакција. Политички договор во кој премиерот добива можност да ја води судската фарса — емотивна манипулација, медиумски спектакл, пренасочување на вниманието, стопирање на вистинската истрага и заштита на луѓето од власта. Но оваа игра е опасна“, потенцираат од ДУИ.
Оваа неправда, оваа селективна правда, оваа контролирана бура од емоции и закани, како што ја нарекуваат, според нив ќе предизвикаат снежна лавина што ќе го разори правниот поредок и ќе ја
уништи довербата во судството.
„Ќе создаде жестока политичка поларизација, во која секој ќе фати секого за уши и ќе владее хаос наместо вистина. Ние нема да молчиме. Ние нема да престанеме да ја бараме вистината.
И нема да дозволиме дежурни виновници да се вадат од партискиот тефтер на премиерот, од заробено судство и политичка корупција“, порачуваат од ДУИ.
Скопје
Перински во скопско Кучково: Центар за рехабилитација за младите херои излекувани од канцер

Во некогашното основно училиште во скопско Кучково повторно ќе се слуша детски џагор, но не од ученици, туку од деца кои се излекувани од канцер. Денеска и официјално беше промовиран проектот „Приказната продолжува“ за изградба на Регионален центар за рехабилитација и ресоцијализација на деца излекувани од малигни заболувања, преку реновирање и адаптација на старото основно училиште во Кучково. Објектот наскоро ќе ги отвори вратите за престој на младите борци, благодарение на Министерството за локална самоуправа, финансиската поддршка на Владата на Швајцарија и учеството на Општина Ѓорче Петров, како дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и в.д. директорката на Центарот за развој на Скопски плански регион, Розета Арсовска, го посетија Центарот во кој во завршна фаза е уредување на просториите и хортикултурното уредување на дворот.
Објектот на површина од 650 м² има капацитет за престој на 20 деца со придружба на еден родител во комплетно опремени простории и училници за он-лајн образование, за физикални вежби, соба за психо-социјални работилници, а има и соби за игра и „мирна соба“ за рехабилитација.
„Овој Центар ќе значи многу надеж, нови можности, нови перспективи за сите оние мали херои коишто се избориле со канцер. Проектот беше инспириран од сите нив поради потребата од помош во периодот на лекување и потоа, а целта е да им дадеме максимум психосоцијална поддршка во процесот на нивната ресоцијализација и повторна интеграција во општеството, по долгиот престој во болничките установи“, истакна градоначалникот Стојкоски кој се заблагодари на сите чинители во реализацијата на проектот.
„Не станува збор само за обичен објект и едно старо училиште, станува збор за еден паметник кој во иднина ќе нѐ потсети дека доколку нешто вистински се сака, се може и дека само зачувана историја е наша лична карта, а влогот во образованието и воспитанието на децата е патот кој води кон вистински систем на човекови вредности“, порача Марија Вук, претседател на НВО САНО, дел од иницијаторите на проектот.
Ова е еден од десетте проекти кои Министертството за локална самоуправа ги реализира со финансиска поддршка на Владата на Швајцарија во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2, а чија вкупна вредност е 23.574.074,00 денари, од кои 8.435.000,00 денари се обезбедени од Швајцарска агенција за развој и соработка, 10.380.998,00 денари од страна на Министерството, а Општина Ѓорче Петров учествува со 4.758.076,00 денари.
„Ова е наш мал придонес во насока на поддршка за младите борци и искрено се надевам дека во иднина во овој објект ќе се видат многу насмевки, а децата ќе се ресоцијализираат и навистина ќе го градат патот и секој нов ден во насока на подобра иднина за сите нив. Се надевам дека како Министерство, а убеден сум дека и како Влада, ќе можеме да бидеме сведоци на реализација на многу вакви проекти кои ќе донесат подобро утре за сите граѓани“, порача министерот Перински.
Реконструкцијата и адаптацијата на некогашното училиште произлезе и како едно од барањата на граѓаните преку Регионалните форуми на заедниците, организирани од Центарот за развој на Скопски плански регион (ЦРСПР).
„Горди сме на проектот кој произлезе од регионалните форуми организирани од нашиот центар кој на децата ќе им овозможи здравствена, социјална заштита и рехабилитација, како и едукација и ќе им помогне повторно вклучување во образовниот систем на еднакви основи со нивните соученици“, изјави в.д. директорката на ЦРСПР, Арсовска.
Македонија
Таравари не кажува дали бара 40 отсто кандидати за градоначалници, но тврди дека состојбата во коалицијата ВЛЕН е релативно стабилна

Арбен Таравари, министер за здравство и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН тврди дека состојбата и во коалицијата ВЛЕН, но и во владината коалиција е добра. Тој не кажа дали бара 40 отсто од кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори да бидат од Алијанса за Албанците по објавите во медиумите дека ќе ја напушти коалицијата ВЛЕН, која пак е дел од владината коалиција, доколку не го добие тој процент кандидати.
„ Меѓукоалициски разговори се политички теми, денес сум повеќе фокусиран на темата здравство. Во коалицијата ВЛЕН состојбата е релативно стабилна и во владината коалиција се е во ред досега“, кусо одговори Таравари на новинарско прашање за неговото можно напуштање на коалицијата утрово на прес-конференцијата за состојбата на повредните во пожарот во Кочани.
Некои од медиумите неделава известуваат за несогласувања во коалицијата ВЛЕН и можна оставка на Таравари по барањето за кандидати за градоначалници. Коалицијата ВЛЕН покрај Алијанса за Албанците на Таравари која последна се приклучи, ја формираа Движење Беса на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гаши и Демократско движење на Изет Меџити.