Македонија
Денеска нов протест за „Монструм“, затворени ќе бидат повеќе скопски улици

За денеска е закажан уште еден протест против пресудата за обвинетите во случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смилковско Езеро.
Според најавите, протестот ќе почне во 13:30 часот од паркот во Чаир.
Од МВР информираа дека од тогаш, па до завршувањето на протестот затворени за сообраќај ќе бидат улиците Христијан Тодоровски Карпош, Џон Кенеди, Цветан Димов, Крсте Мисирков и булеварот Гоце Делчев.
МВР исто така апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Последниот протест беше насилен и беа повредени седум полицајци.
Приведени беа осум лица, од кои тројца веќе ја признаа вината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче: Владината коалиција е нефункционална

Тоа што се случува во владината коалиција укажува на тоа дека таа е нестабилна и не функционира добро. Ваква е оценката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче во однос актуелните случувањата во владината коалиција.
„Во краток временски период јавноста е сведок на дијаметрално спротивни изјави во однос на можноста за предвремени избори, што го ставам во контекст на односите во рамките на коалицијата. Дека не функционира таа коалиција, практично граѓаните тоа на своја кожа го чувствуваат секој ден“, потенцираше Филипче во одговор на новинарско прашање.
Тој упати критики и за севкупниот перформанс на Владата што, како што оцени, на повеќе нивоа е загрижувачки.
„Една лоша стратегија во економијата, немање реализација на капиталните инвестиции, огромен број на институции коишто не делат плата на вработените. Внимавајте, клучни институции посебно во овој временски период по трагедијата во Кочани – дел од инспекторатите се без плата, дел од социјалните служби, Министерството за култура, Министерството за економија, едноставно лош перформанс на владата“, оцени претседателот на СДСМ.
Според него, особено загрижувачка е селективноста на истрагата за трагедијата во Кочани, со која, како што реле, наместо целосна одговорност, се прикриваат поединци и функционери од Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Муцунски и црногорскиот министер: Заеднички чекориме кон ЕУ, успехот на било која земја е добра вест за сите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на заменик-претседателот на Владата за меѓународни односи и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ.
На средбата, двајцата министри се согласија дека посетата претставува потврда за одличните пријателски односи и соработка меѓу двете земји, засновани на заемна поддршка и почитување.
Министрите изразија задоволство од нивото на политичкиот дијалог и оценија дека постои простор за натамошно зајакнување на економската и трговската соработка.
Акцентот на разговорите беше ставен на пристапните преговори со Европската Унија и можностите за размена на искуства во насока на полноправно членство. Со посебен акцент се осврнаа на процесот на европската интеграција на двете земји.
„Заемната поддршка која ја искажуваме на планот на европската интеграција претставува најдобар пример за нашата одлучност за напредок на овој план, кој ќе ни обезбеди сигурност, стабилност и напредок во просперитетна Европа, кон која целиме“, истакна министерот Муцунски во изјавата по средбата.
Во оваа насока, црногорскиот министер Ибрахимовиќ додаде дека земјите од Западен Балкан заеднички чекорат кон Унијата и дека секој успех на било која земја од регионот е добра вест за сите.
Во рамки на посетата, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу двете министерства за надворешни работи во областа на дипломатската обука, со што се отвораат дополнителни и конкретни можности за интензивирање на меѓусебната соработка.
Македонија
Гаши-Ибрахимовиќ: Северна Македонија и Црна Гора негуваат братски односи и заеднички стремеж кон ЕУ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Ервин Ибрахимовиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора за меѓународни односи и министер за надворешни работи, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.
На средбата присуствуваа и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, и пратениците Мерита Колачи Коџаџику, Илир Демири и Оливер Спасовски.
Процесите за интеграција во Европската Унија на двете земји, како и на регионот во целина, беа во фокусот на разговорите меѓу двете делегации. Притоа беше истакнато дека пристапувањето кон ЕУ е гаранција за долгорочна стабилност и просперитет на земјите од Западен Балкан. И дека секој чекор напред во овој правец, на која било држава, е успех за целиот регион и е од голема важност и за самата Унија.
Во тој контекст, беше нагласено и дека Северна Македонија и Црна Гора се пример за мултиетничка и мултиверска соработка, како доказ за прифаќање и споделување на европските вредности.
На средбата, беше посочено и сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, како уште еден пример за придонес кон регионалната и глобална стабилност и демократските процеси.
Во однос на билатералната соработка, беше истакнато дека Северна Македонија и Црна Гора традиционално негуваат братски и пријателски односи, со тенденција за постојано унапредување на соработката на повеќе нивоа.
Посебно беше истакната добрата соработка меѓу парламентите на двете земји, како уште еден од клучните фактори во процесот на евроинтеграција. Притоа беше посочено дека постојано е отворен простор за понатамошно продлабочување и унапредување на соработката, како на ниво на парламенти, така и во други области, како што се сообраќајната инфраструктура и туризмот.