Македонија
Денеска се вакцинираат лицата на 73 и 74 години
Денеска, почнува вакцинацијата на сите граѓани од 73 и 74 години, кои се пријавени преку vakcinacija.mk или преку матичните лекари.
Во „А1-арената Борис Трајковски“ во Скопје вчера заврши вакцинирањето на вработените во критичната инфраструктура. Досега се вакцинирани речиси 30.000 граѓани.
„Фреквенцијата на спроведување вакцинирање е нешто зголемена во изминатите денови и од 700 до 800 вакцинирани дневно, сега има 1.000 до 1.500 вакцинирани и во согласност со пријавените термини тоа се спроведува во сите градови“, истакна вчера Филипче.
Тој нагласи дека како ќе доаѓаат вакцини, така ќе се надополнуваат системите. Како што информира, од компанијата „Фајзер“ преку директен договор на 19 и 26 април треба да стигнат по 10.000 дози.
Исто така, се очекува и информација од руската амбасада за дополнителни количини од вакцината „спутник“, а до крајот на месецот би требало да пристигнат 76.000 дози од „Астра зенека“.
Министерот најави дека се очекува од Кина да стигнат 200.000 вакцини, кои ќе бидат распределени по овој систем на вакцинација што веќе се спроведува во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.
Македонија
За една недела отстранети 653 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 653 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно интервенираше и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што беа подигнати приближно 60 кубни метри мешан комунален отпад од три помали диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број на записници се изготвени во скопската општина Чаир.
Македонија
Програми за доживотно учење на Факултетот за музичка уметност – Скопје
Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги објави програмите за доживотно учење – единствена можност за сите заинтересирани лица над 20 години кои сакаат да го прошират своето музичко образование и да се надградат професионално.
Наставата се реализира со врвен универзитетски кадар и нуди висок квалитет во различни области: свирење на инструменти, соло пеење, популарни жанрови, диригирање и композиција. Секој учесник добива индивидуален пристап и работи во одлични услови кои овозможуваат целосно развивање на талентот и личен напредок.
На крајот од секој семестар, учесниците добиваат сертификат издаден од Факултетот за музичка уметност – Скопје, што претставува официјално признание за стекнатите знаења и вештини.
Повеќе информации за програмите на следниот линк: https://www.fmu.ukim.edu.mk/about/lifelong-learning
Уписот е во тек и трае до 25.2.2026 год. За дополнителни информации во врска со уписот, обратете се на тел.бр.02-3134345 или на е-пошта: [email protected].
фото/Depositphotos

