Македонија
Ден на жените во дипломатијата: „Да се бориме за суштинска и одржлива рамноправност“
Заменик-министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, заедно со канцеларијата на ОН Жени (UN Women) во Македонија, организираа настан по повод Денот на жените во дипломатијата.
Исаки во својот говор истакна дека бројот на жените во дипломатијата или на жените на лидерски позиции не е задоволувачки.
„Нe треба да молчиме, ниту да се задоволуваме со сите отстапки во овој домен, кои се повеќе на линијата на политичка коректност отколку суштинска промена на реалноста. Мора да реагираме на стереотипите и дискриминацијата. И уште повеќе: да се бориме за суштинска и одржлива рамноправност. Одејќи по својот пат, покажуваме иницијатива, одговорност и лидерство истакнувајќи се во својата област“, рече Исаки.
Заменик-министерката се осврна и на нејзиното лично искуство како жена во дипломатијата.
„Од 2020 година, откако сум назначена на функцијата ЗМНР, можам да потврдам дека сум имала искуство да запознам и да работам со исклучително способни, надарени и професионални жени дипломатки, кои се максимално посветени и неуморно работат на промовирање на државата и спроведување на надворешната политика. Тие дадоа активен придонес оваа држава да стане земја членка на НАТО, кандидат за членство во ЕУ и угледен член на меѓународната заедница. Тие се инспирација и за мене и токму поради тоа донесов одлука, како ЗМНР, лично да се ангажирам на подобрување на состојбата во овој домен и да го промовирам значењето и придонесот на жените во дипломатијата“, рече Исаки додавајќи дека ќе продолжи да се залага за еднаквост на жените во дипломатијата со уверение дека жените се динамични лидери на промените и нивното учество е фундаментално за демократското владеење.
Во 2021 година МНР ја организира првата конференција за жените во дипломатијата, каде што истакнати домашни и странски панелистки имаа можност да информираат за својот пат во дипломатијата, како и тешкотиите со кои се соочиле.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

