Македонија
Деребан: Се грижиме за ранливите категории граѓани, наша обврска е на сите да им обезбедиме соодветни независни и непристрасни судски механизми
Заменик-министерот за правда Ален Деребан се обрати на 15. состанок на Националното координативно тело за бесплатна правна помош организиран од Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје. Осврнувајќи се на активностите на Министерството за правда, Деребан посочи дека од големо значење е обезбедувањето пристап до правдата за сите преку давање примарна и секундарна бесплатна правна помош на сите оние што не може тоа да си го дозволат.
„Оваа алатка е на располагање на најранливите категории граѓани, оние кои ги исполнуваат условите имаат можност државата да им ги плати сите трошоци во судските постапки. Тоа опфаќа адвокат, трошоци за вештачења, а ќе бидат ослободени и од плаќање на судски такси. Преку системот на бесплатна правна помош нудиме заштита на човековите права, а со тоа и ја гарантираме еднаквоста меѓу луѓето во правниот поредок. Од досегашната пракса можеме да констатираме дека најмногу барања за бесплатна правна помош има од областа на семејното право како што се бракоразводни парници, старателство врз деца, оставински постапки, имотни , работни спорови, должничко -доверителски односи за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за застапување на жртви од семејно насилство, за спорови со осигурителни компании“, рече Деребан.
Националното координативно тело за бесплатна правна помош кое е воспоставено и поддржано од Советот на Европа е успешен механизам кој овозможува континуирана координација и комуникација помеѓу главните чинители кои даваат бесплатната правна помош, како што се: Министерството, здруженијата на граѓани, правните клиники и адвокатите и кое од 2020 година.
Министерството, имајќи ги предвид заклучоците од националното координативно тело ги предложи измените на Законот за бесплатна правна помош за усогласување со Законот за вештачење кои во текот на месец септември беа донесени во Собранието на Република Северна Македонија, нагласуваат од министерството.
„Наша обврска е на сите граѓани да им обезбедиме соодветни независни и непристрасни судски механизми. Со ова на граѓаните, кои се во тешка финансиска состојба, ќе им се овозможи да добијат правна помош од адвокат и фер судење. На овој начин покажуваме дека се грижиме за ранливите категории граѓани“,потенцира Деребан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

