Македонија
Дерковски: На избирачкиот список има околу 1,8 милион гласачи
Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, и министерот за внатрешни работи, Наке Чулев, на денешната заедничка прес-конференција истакнаа дека тие имаат високо ниво на соработка.
„Веројатно в среда ќе го заклучиме избирачкиот список. Се завршија сите потребни активности, обработката на податоците. Не можам да ви ја кажам точната бројка, но околу 1.814.000 гласачи ќе бидат на избирачкиот список на овие избори. В среда дефинитивно ќе ја соопштиме бројката“, изјави Деркоски.
Тој одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека засега нема голем број барања за замена на членовите и замениците од избирачките одбори.
„Согласно Законот, познати се критериуми коишто треба да се исполнат за да бидете изземени од член и заменик-член на избирачкиот одбор. Јас сум задоволен од тоа што не е голема бројката на таквите барања. Сите треба да бидеме свесни дека треба да дадеме свој придонес како граѓани на оваа држава за да се спроведе избирачкиот процес на најдобар можен начин“, изјави Деркоски.
Членовите на избирачкиот список ќе можат да бидат изземени од изборите само доколку имаат сериозни здравствени причини, хронична болест од листата на хронични болести што е објавена на сајтот на Министерството за труд и социјална политика и сериозни семејни причини за кои треба да обезбедите докази.
„Избирачкиот список е чист, ги содржи податоците на сите полнолетни граѓани кои имаат државјанство на Република Македонија. Сметам дека континуираното чистење на списокот во ДИК доведува до тоа овој список да има високо ниво на прочистеност, ако можам така да се изразам. Граѓаните не треба да се грижат дали избирачкиот список е во ред“, изјави Деркоски.
Дерковски соопшти дека избирачките места кои не ги задоволувале критериумите за овие избори се заменети со други локации за гласање.
Во помалите рурални средини каде што нема услови, ќе се гласа во приватни закупени објекти.
Гласачите од дијаспората не се пријавиле во доволен број и затоа тие нема да гласаат на овие избори.
Дерковски истакна дека соработката на ДИК со МВР ќе продолжи и понатаму.
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, ја потенцираше важноста на одржување демократски и фер парламентарни избори и се заблагодари на ДИК за соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

