Македонија
Дескоска: Измените во законите за извршување и за нотаријат се со цел граѓаните да добијат поефтини услуги
Нотарската комора на Република Македонија денеска одржа свечена седница по повод 20 годишнината од основањето на нотаријатот во Македонија.
Во своето воведно обраќање, министерката за правда Дескоска истакна дека искуството од функционирањето на нотаријатот во Република Македонија во изминативе 20 години дава можност за преоценување на предностите и слабостите на концептите на нотарската служба, преоценка на обемот на надлежностите кои ги имаат нотарите, но и на начинот на вршење на овластувањата и одговорноста која ја имаат нотарите.
„ Во заложбите за реформи коишто ќе постојат, не само во нотаријатот, туку и во целиот правен систем, очекувам соработка со Нотарската комора, особено во делот на јакнење на стручниот и професионалниот однос на нотарите и обезбедување на квалитетна и ефикасна нотарска служба“, изјави Дескоска.
Давајќи краток осврт на законските измени од областа на нотаријатот, министерката за правда истакна дека дебатата во Собранието во однос на последните измени во 2016 година, била проследена со изразено сротивставени ставови на Нотарската и Адвокатската комора, но и тензии коишто се уште постојат.
„Пред моето доаѓање во Министерството за правда, имало формирано комисија за изменување и дополнување на Законот за нотаријат заради преиспитување на одредени законски решенија чии предлози допрва ќе бидат предмет на разгледување. Свесна сум дека целиот пакет на измени кои ќе ги опфатат законите за извршување и нотаријат е предмет на спротивставени интереси, но и е судир на концепти и принципи“, истакна Дескоска.
Во изјавата за медиумите, министерката за правда беше децидна дека единствената цел во моментот е граѓаните да добијат поефтини услуги, а дека примарен интерес при измените на законите ќе бидат правата и интересите на граѓаните, интересот на правдата и на правната сигурност, и најави дека предлог-текстот ќе биде предмет на разгледување и дека во процесот ќе се дебатира и со Нотарската и со Адвокатската комора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јакимовски призна уште еден пораз: По 23 години се вративме на национализмот, ако си муслиман не земај ливче за претседател
Исто како во првиот круг од претседателските избори пред две недели, Стевчо Јакимовски и вечерва меѓу првите призна пораз, овој пат на парламентарните избори. Смета дека граѓаните не го препознале концептот на коалицијата „Храбро за Македонија“.
„Сакам од оваа говорница да го признам поразот на овие парламентарни избори. Очигледно граѓаните не го препознаа нашиот концепт за развој на Република Македонија и во делот на социјалната заштита, во делот на реформите за образованието. Очигледно дека на граѓаните ваков систем на образование им одговара. Очигледно на граѓаните им одговара да имаат корумпирана администрација, превработена. Очигледно на граѓаните им одговара да има граѓани кои седат дома, а примаат плата и очигледно гласаат за партизирана администрација и за уште поголемо полнење на администрацијата на товар на стопанството. Очигледно дека граѓаните на Македонија не сакаат реформи во здравството, не сакаат повисоки приходи за лекарите, не сакаат подобра опрема во здравството, не сакаат нови современи методи, го сакаат овој хаос во здравството“, рече Јакимовски.
Според него граѓаните денес се определиле за враќање на уставното име, за поништување на договорот со Бугарија, односно се определиле за реваншизам оти целата кампања се водела во насока дека немкому треба да му се одмаздиме.
И ја честиташе победата за претседател на Гордан Силјановска – Давкова. „Сакам да и ја честитам победата на госпоѓата Силјановска-Давкова, да и поскам успешен мандат. Да има мирни води во овој практично опасен океан и по пет години да бидеме задоволни од нејзиниот мандат“, рече Јакимовски.
Тој е убеден дека ВМРО – ДПМНЕ ќе има близу 60 пратеници и дека ќе има апсолутна власт во државата.
„ВМРО-ДПМНЕ очигледно дека ќе има можност и за двотретинско мнозинство заедно со коалиционите партнери во идниот парламент. Очекувам дека ќе има тешки одлуки, но моето политичко искуство вели дека многу арно не е арно. Кога некој има апсолутна власт, таа власт носи девијации и како резултат на тоа доаѓаме до ретроградни процеси за кои ние не сакаме да бидеме сведоци“, вели Јакимовски.
Револтиран е што деновиве постојано се зборуваше за криминал и корупција, но институциите не реагираа. Обвини за гласање на принципот бугарски воз и поткуп на гласачи.
„Јавно прашувам што правеше Министерството за внатрешни работи, што правеше државната безбедност, другите истражни органи. Ова е јавна тајна, што значи дека ова е срамен ден за Република Македонија, во 21 век, земја кандидат повторно да се врати на поткуп на гласачи и повторно да се вратиме на бугарски воз. Тој бугарски воз ќе ни донесе промени на Уставот и внесување Бугари во Уставот на Република Македонија. Не го положивме испитот на зрелоста“, рече Јакимовски.
Кампањите за овие избори, според Јакимовски не вратиле назад 23 години, во периодот на национализам и верски поделби пред потпишувањето на Рамковниот договор.
„Во овој 21 век, во оваа Македонија да се повикува на верска дискриминација, да се повикува кој ќе земе ливче за претседател тој не е муслиман односно ако си муслиман немој да земеш ливче за претседател сметам дека тоа е срамен ден за Република Македонија и сметам дека води кон натамошна сегрегација на македонското општество. Наместо општество за сите, кое што беше прокламирано во 2016 година, ние дојдовме во ситуација да се повикуваме на воените формации од 2001 година и да повикуваме на верска нетолеранција, на верска поделба. Срамно е да се делиме на православни, католици и така натаму што требаше да биде зад нас 20 години“, вели Јакимовски.
Тој предупреди дека ваквите состојби не може да бидат без сериозни последици врз натамошниот соживот во Македонија.
Според досега пребројаните гласови, коалицијата „Храбро за Македонија“ има 4088 гласови, односно 0,48 отсто.
Јакимовски пред две недели во првиот круг од претседателските избори, го призна поразот како кандидат за претседател.
Македонија
ДИК со први проекции за бројот на пратеници: ВМРО-ДПМНЕ 59, СДСМ 19, ДУИ 18
Државната изборна комисија ги објави првите проекции за бројот на пратенички мандати – ВМРО-ДПМНЕ има 59 пратеници, а зад нив е СДСМ до 19.
ТретА по бројот на пратеници е ДУИ со 18 мандати.
Коалицијата Влен има 13 пратенички мандати, Левица 6 и ЗНАМ 5 мандати.
(Обновено)
Македонија
Касами слави во Тетово: Од утре почнуваат преговори за нова влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Влен
Од утре почнуваат преговори за нова влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Влен, кажа претседателот на БЕСА, дел од коалицијата Влен, Билал Касами.
Касами рече дека ВЛЕН е победник во сите општини со мнозинско албанско население, а резултатот го препиша и на доаѓањето на иселениците.
„Коалицијата Влен е апсолутен победник кај Албанците“, изјави Касами.
Тој очекува да имаат број на пратеници колку и ДУИ.
Според досега пребројаните гласови, коалицијата Влен има 92.091 гласа, односно 11,21 отсто, а Европскиот фронт на ДУИ, 117.503 гласа, или 14,30 отсто.