Македонија
Дескоска на видеоконференција на ОБСЕ: Потребна е подобра регионална соработка во борбата против организираниот криминал
Корупцијата не познава граници, но тие се користат за прикривање на нелегално стекнатата корист. Поради тоа, неопходна е ефикасна меѓународна соработка за спречување и откривање на корупцијата, истакна министерката за правда, Рената Денеска, на видеоконференцијата под покровителство на албанското претседателство со ОБСЕ, на тема „Добро владеење и борба против корупцијата во дигиталната ера: Зајакнување на принципите на транспарентноста, интегритетот и одговорноста“.
Кога станува збор за меѓународната соработка, министерката за правда потенцира дека Република Северна Македонија е потписник на сите меѓународни конвенции од областа – како оние од Советот на Европа така и на Обединетите нации.
Сепак, покрај усогласеноста на домашното законодавство со меѓународните стандарди, министерката за правда истакна дека е потребна подобра регионална и меѓународна соработка за справување со организираниот криминал и корупцијата.
Во поглед на билатералните договори за екстрадиција, министерката Дескоска потенцира дека во последно време во билатералните договори се предвидува и можност за екстрадиција на сопствените државјани и тоа во сите билатерални договори недвосмислено е наведено дека екстрадиција на сопствени државјани се дозволува за дела од областа на организираниот криминал, корупција и перење пари.
Дескоска истакна дека со новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интересите, донесен во јануари 2019 година, проширени се и надлежностите на Државната комисија за спречување корупција и со надлежноста да разменува информации со надлежни тела на други држави и меѓународни организации, врз основа на обврски преземени со меѓународни договори ратификувани согласно со Уставот.
Исто значајно, Дескоска истакна дека на предлог на Министерството за правда, во декември 2019 година Владата ја прифати информацијата за потпишување на меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба, подготвен во рамките на активности организирани од Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ). Со ратификацијата на овој договор Државната комисија за спречување корупција и конфликт на интереси ќе стекне право да бара информации за имотната состојба на сите јавни функционери што имаат или стекнуваат имоти и финансиски средства во странски земји. За потпишување на овој договор, Владата го овласти претседателот на Државната комисија за спречување корупција.
Во поглед на статистичките податоци, министерката Дескоска истакна дека во Министерството за правда во 2018 година регистрирани се 33 предмети, кои се однесуваат на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, од тоа речиси сите, односно 27 предмети, биле по барање на Република Северна Македонија. Во 2019 година бројката е 28 предмети, од кои 25 на барање на Република Северна Македонија, а во првата половина на 2020 – 16 предмети, од кои 14 предмети по барање на Република Северна Македонија. Од сите овие предмети завршени се само 13, а сите други чекаат завршница.
Министерката истакна дека податоците за мала држава како Република Северна Македонија се сепак високи бројки и дека, од една страна, не е добро што имаме толку предмети на корупција, но, дека, сепак, од друга, добро е што за тие предмети се водат истраги и активно се постапува.
Дескоска истакна и дека во Законот за меѓународната соработка во кривичната материја се забележани одредени слабости во делот на формирањето на заедничките истражни тимови и подготвени се нови законски решенија. Со нив договорот за формирање заеднички истражен тим во име на Република Северна Македонија ќе го склучува јавниот обвинител на Република Северна Македонија или јавен обвинител овластен од него.
Со вака поставена одредба се елиминира секаква можност извршната власт да има какво било влијание кај обвинителите за формирање заеднички истражен тим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Брисел ги прифати барањата, возачите се признаени како професионалци, го решаваме проблемот со превозниците, објави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски соопшти дека од Брисел пристигнале, како што вели, „одлични вести“ во врска со проблемите на македонските превозници.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, објави Николоски.
После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисе, додава тој, ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи.
Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!
Македонија
(Видео) Филипче: 600 евра минимална плата е минимум за достоинствен живот
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција истакна дека СДСМ и понатаму цврсто стои на страната на работниците и нивните реални барања за достоинствен живот.
Филипче потсети дека СДСМ уште на крајот на 2024 година поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата, кој тогаш беше одбиен од власта, и покрај очигледно влошената економска состојба и драстично намалениот животен стандард на граѓаните, велат од СДСМ.
„Денес, кога растат цените, расте цената на струјата, растат сите трошоци кои ја сочинуваат синдикалната потрошувачка кошничка, подготвивме нови законски решенија кои ќе ги поднесеме во Собранието. Предлагаме зголемување на минималната плата на 600 евра во нето износ и замрзнување на платите на функционерите“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека овие мерки се логично продолжение на политиките на СДСМ од периодот кога партијата ја водеше Владата, време во кое, како што истакна, минималната и просечната плата растеа континуирано, дури и во услови на сериозни економски и здравствени кризи. Воедно, со овие решенија СДСМ, додаваат од таму, директно ги поддржува и барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, изнесени во јавноста.
Филипче упати јавен повик до Сојузот на синдикатите за соработка и вклучување во процесот, со можност за увид и поднесување сугестии за предложениот закон.
„Како одговорна политичка партија, наша обврска е да покажеме грижа и солидарност и да излеземе во пресрет на вистинските потреби на работниците. Не може да има пари за тендери и непотребни трошоци, а да нема пари за стандардот на граѓаните“, истакна Филипче.
Тој предупреди дека инфлацијата сериозно го јаде животниот стандард и дека Македонија денес има практично најниска минимална плата во регионот, за разлика од Албанија, Србија, Косово и Црна Гора, каде платите веќе се зголемени.
„Ова е уште еден силен аргумент зошто младите ја гледаат својата иднина надвор од државата. Тоа мора да се запре“, рече Филипче, потсетувајќи дека за време на владеењето на СДСМ минималната плата се зголеми од 8.000 на 22.000 денари, а просечната од 22.000 на 42.000 денари.
Филипче изрази очекување дека овој пат Владата ќе покаже одговорност и ќе го прифати предлог-законот, бидејќи тој се темели на реални економски параметри и реални потреби на работниците.
„Ние не се бориме само за повисоки плати, туку за достоинствен живот – она што нашите граѓани и нашите работници навистина го заслужуваат“, порача Филипче.
Македонија
Герасимовски: Паричната помош за новороденче во Центар се зголемува од 7. 000 на 10. 000 денари
Советниците на Општина Центар на четвртата седница едногласно ја прифатија иницијатива на градоначалникот Горан Герасимовски за зголемување на еднократната финансиска поддршка за новороденче од 7. 000 на 10. 000 денари.
„Со оваа мерка директно им помагаме на младите семејства и инвестираме во иднината на Центар“, рече Герасимовски.
Право на поддршката ќе имаат сите семејства кои ги исполнуваат условите и се жители на Општина Центар. Одлуката овозможува континуирана грижа за домаќинствата со принова.
Со оваа одлука, локалната самоуправа уште еднаш потврдува дека поддршката за младите семејства и создавањето подобри услови за раст и развој на децата се меѓу врвните приоритети, соопштија од општината.

