Македонија
Дескоска: Предлог-законот ја гарантира независноста на Обвинителството
Предлог-законот за Јавното обвинителство подразбира градење силно Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кој, покрај тековните надлежности што ги има, ќе ги преземе и случаите што ги водеше СЈО, изјави министерката за правда, Рената Дескоска.
„Ова Обвинителство, во согласност со предложениот текст, има одредени финансиски и статусни гаранции, кои треба да му овозможат и да му гарантираат независност од извршната и законодавната власт, со цел да не може да биде уценувано ниту од финансиски аспект ниту да се врши какво било влијание“, потенцира Дескоска.
Министерката истакна дека во текот на вчерашната расправа биле изнесени неколку, како што рече, естрадни тврдења дека има неуставност во овој концепт, што, според министерката, е апсолутно неточно бидејќи концептот со зајакнати надлежности на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција постои и во други земји.
За прашањето за предлагање јавен обвинител од страна на опозицијата, Дескоска истакна дека во текот на јавната расправа никој не ја поддржал оваа идеја како добра процедура кој било обвинител да биде предлог на опозицијата.
„Слушнавме предлог кој е вреден за размислување за зголемување на транспарентноста на постапката за избор на обвинител за организиран криминал и корупција и тој предлог ќе биде земен предвид“, потенцира Дескоска.
Во однос на членовите 108 и 109, кои важат за најтешките прашања во законот за Јавното обвинителство и каде што се лоцирани клучните барања на опозицијата, министерката истакна дека ја охрабрува ставот истакнат од повеќе експерти, дека дури и да не биде изречно наведено дека постапките продолжуваат – тие ќе продолжат во согласност со Законот за кривичната постапка.
„Тоа значи дека во согласност со она што беше истакнато вчера во текот на јавната дебата, дава простор за градење консензус бидејќи една од забелешките што ја истакнува опозицијата е дека не сакаат да се дозволи постапките да продолжат. Ако нема изрична одредба дека продолжуваат, тогаш тие ќе продолжат во согласност со Законот за кривичната постапка. Но, нема простор за ставање одредба дека одредени постапки ќе запрат“, потенцира Дескоска.
Во однос на делот што се однесува на бројот и систематизацијата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Дескоска смета дека треба да се размисли оти ако се има вистинска желба за градење капацитетно обвинителство, треба да му се дадат обвинители за да ја вршат таа работа. Исто така, министерката истакна дека не е пречка и прашањето што може да доведе до тоа законот да не влезе во Собранието.
Дескоска потенцира дека е добро што и пратениците биле дел од јавната расправа и можеле да направат процена кои ставови се аргументирани.
Во однос на предлогот во законскиот текст, наместо уставното име на државата, да се користи терминот Република, Дескоска вели дека така всушност се брише зборот Македонија.
„Вчера слушнавме и предлог во законскиот текст, наместо уставното име на државата, да се користи терминот Република. Размислував за тој предлог, но не мислам дека е добар бидејќи со таков предлог и концепт во законот всушност го бришете зборот Македонија од целиот текст и тој ќе биде спомнат само еднаш. Вие знаете дека првичната и најтврда позиција на која Грција долго време инсистира, тоа беше зборот Македонија да не биде дел од нашето уставно име. Со ваков концепт, каде што ќе го избришете во сите закони зборот Македонија, мислам дека доаѓате, всушност, до градење на она што беше суштински интерес на Грција во тоа време. Се надевам дека тоа не е соломонскиот концепт на ВМРО-ДПМНЕ за избегнување на уставното име преку избегнување на зборот Македонија“, потенцира Дескоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

