Македонија
Дескоска: Северна Македонија ќе ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права
Министерката за правда, Рената Дескоска, денеска се сретна со Катерина Недељковиќ и Фредрик Сандберг – експерти од одделот за извршување на пресудите и одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
За време на состанокот беше истакнато дека Република Северна Македонија е една од земјите со највисока имплементација на препораките на Европскиот суд за човекови права.
„Заштитата на човековите права и градењето на капацитетите на институциите за заштита на човековите права се на врвот на владината агенда“, истакна Дескоска, која дополни дека нејзината посветеноста кон реформите во правосудството е последица на реалната потреба на граѓаните.
Министерката информираше за реформската агенда на Министерството за правда, па во таа насока Дескоска ја потенцираше добрата соработка со Венециската комисија, Советот на Европа, Мисијата на ОБСЕ и голем број странски експерти кои се вклучени во изготвувањето и чии препораки се имплементираат во законските решенија.
Министерката за правда ги извести претставниците на одделот за извршување на пресудите и одлуките на ЕСЧП дека Република Северна Македонија ќе ги почитува пресудите на ЕСЧП и дека ќе ги вложи сите напори да ги имплементира препораките кои произлегуваат од пресудите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Унгарските искуства за „Безбеден град“ и миграциите во фокус на посетата на Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на покана на министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, во периодот од 14 до 16 јануари реализираше билатерална посета на Министерството за внатрешни работи на Унгарија, со цел продлабочување на безбедносната соработка и размена на конкретни искуства и добри практики.
Во рамки на посетата, Тошковски оствари билатерална средба со министерот Пинтер, на која беа разгледани прашања од заеднички интерес, со посебен фокус на управувањето со миграциските текови, борбата против организираниот криминал и современите безбедносни предизвици. Министерот Пинтер го истакна значајниот и конкретен придонес што Македонија го дава во спречувањето на илегалната миграција, нагласувајќи дека улогата на македонската полиција е од суштинско значење за безбедноста на Европа.
„Посебно внимание беше посветено на искуствата на Унгарија во воспоставувањето и примената на системи за автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци, во контекст на тековната имплементација на системот „Безбеден град“ во Македонија. Во таа насока, беа разменети мислења за практичните аспекти, институционалната подготвеност, правната рамка и ефектите од примената на ваквите системи, со цел користење на најдобрите европски практики.’, истакна министерот Тошковски.
Во делот на борбата против трговијата со дрога, беа презентирани законските и институционалните решенија што Унгарија ги има спроведено во областа на кривичното санкционирање, при што беа споделени искуства за влијанието на построг и појасен казнен пристап врз сузбивањето на организираните нарко мрежи и зајакнувањето на превенцијата.
Во рамки на посетата беше потпишана Декларација за соработка во спроведувањето обуки за полициски службеници помеѓу Центарот за обука на МВР и Центарот за полициска едукација и обука на МВР на Унгарија, со што се отвораат можности за долгорочна и практична размена на знаења и искуства. Воедно, беше упатена покана унгарскиот центар да се приклучи кон Регионалната асоцијација на центри за обука и полициски академии на Југоисточна Европа, формирана на иницијатива на нашето МВР.
Министерот Тошковски оствари и работна средба со директорот на унгарското Национално биро за истраги, Арон Јенеј, на која беа разменети искуства за институционалната поставеност, оперативните модели и пристапите во сузбивањето на најсериозните форми на организиран криминал. Дополнително, беше реализирана и средба со директорот на Националниот директорат за менаџмент на катастрофи, Золтан Гора, со фокус на системот за управување со кризи, меѓуинституционалната координација и практичните искуства во справувањето со катастрофи.
„Унгарија е докажан пријател и партнер на Македонија, а посетата претставува уште еден чекор кон зајакнување на соработката, размената на искуства и градењето партнерства кои придонесуваат за поголема безбедност, стабилност и европска перспектива.’, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска-Клеин: Соработката со Унгарија е пример за вистинско партнерство
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес во просториите на општината оствари средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин. Во рамките на разговорот, таа ја претстави својата визија за развој на општината, а посебно беше нагласена подготвеноста за унапредување на долгогодишната соработка меѓу општината и Унгарија.
Соговорниците посебен акцент ставија на продолжувањето на традицијата на чествување на Шандор Петефи, чија биста е поставена во новиот парк во Драчево. И годинава ќе продолжат активностите поврзани со неговото одбележување, а најавен е и конкурс за учениците од основните училишта, посветен на теми од унгарската историја и државност.
-Преку вакви проекти не само што го унапредуваме урбаниот и културниот живот во Кисела Вода, туку и ги зајакнуваме врските меѓу македонскиот и унгарскиот народ. Нашата соработка со Унгарија е пример за вистинско партнерство и верувам дека и во иднина ќе реализираме уште многу заеднички иницијативи-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
На средбата присуствуваше и претседателот на Здружението на Унгарците во Македонија-Теледом, Јожеф Шутуш, кој ја потврди долгогодишната соработка и одличните релации со Општина Кисела Вода, како основа за понатамошно зближување и заеднички развој.
Македонија
Мицкоски: Над 160 проекти се предвидени во образованата инфраструктурa
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во текот на посетата на Кратово и реновираната спортска сала, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали оваа година ќе има инвестиции во образовната инфраструктура, изјави дека се предвидени повеќе од 160 проекти во областа на образованието.
„Па да. Впрочем, и овој објект е дел од тие инвестиции, би рекол. Инаку, повеќе од 160–170 проекти ширум државата се предвидени за инвестирање во делот на образованието, училишта, студентски домови, итн, нешто што претставува императив за оваа Влада“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека за година и половина, повеќе од 65 милиони евра се инвестирани во образованието и дека продолжуваат со нови инвестирања во оваа област.
„Инаку чисто за да споменам, последно што го разгледувавме, беше дека за година и половина, повеќе од 65 милиони евра се инвестирани во образованието, а од тие некаде околу 56–57 милиони се дел од програмата АА. Така што образованието е еден од нашите главни приоритети како Влада. Продолжуваме и понатаму да инвестираме, бидејќи без квалитетно и добро образование нема иднина“, изјави тој.

