Македонија
Деспотовски: Битола е желна за промени – гласни барања за раскрстување со досегашните политики и начин на избор на кадровски решенија во СДСМ
Пред преполна сала во општинската организација во Битола, кандидатот за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јован Деспотовски, ја презентира програмата „Нов почеток за нов СДСМ“, со што се предвидуваат суштински реформи во партијата и зајакнување на општинските организации и нивен удел во носењето одлуки и креирањето политики.
„Битола е желна за промени. Членството бара радикален дисконтинуитет со досегашните политики и кадровски политики. Партиските другари се погласно бараат ново раѓање на партијата. Нашата програма е напишана токму со таква цел. Имавме одлична дебата и слушнавме многу конструктивни предлози, особено за тоа како да ги активираме младите и како повторно да им се слуша гласот, но и како секој од нас постарите членови, особено оние кои биле маргинализирани во последниве години, може да придонесе во реформа и напредок на партијата“, изјави Деспотовски.
За таа цел, се предвидува формирање норум и совет на искусните. Во ова тело ќе членува широк круг на поранешни партиски и функционери на централно и локално ниво и ќе заседава најмалку еднаш годишно. Членовите на форумот ќе се избираат така наречен совет на искусните, кој ќе заседава на редовни месечни средби (по потреба и почесто), особено во периоди пред избори или пред донесување битни и стратегиски одлуки.

Советодавната улога на ова тело ќе се однесува во прв ред кон раководството на партијата и ќе формира и свои оперативни тела, составени од членови на советот или други членови на партијата, а тие тела на советот ќе ја помагаат работата на раководството на партијата и на претседател.
„Нашата партија има долга традиција и најголемо искуство на политичката сцена во државата. Тоа искуство е драгоцено и не смее да биде занемарено. Напротив, од искусните личности во партијата се очекува да преземат водечка улога во градење стратегии и правци на дејствување на партијата“, рече Деспотовски.
Деспотовски пред членовите повторно нагласи дека во трката влегува до крај, без пазарење и дека негов грб е членството.
„Ако успееме да го истераме внатрепартискиот процес чист до крај, тоа ќе ни биде првата победа по изборниот пораз. Тоа што ве има овде во толкав број и што дојдовте со конструктивни идеи и прашања за тоа како понатаму, ме охрабрува дека навистина има луѓе што веруваат во шансата за нов почеток за оваа наша заедничка партија“, порача Деспотовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток
Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше формиран кризен штаб, кој е на 24-часовно располагање на граѓаните. Неговата задача е континуирано да ја следи состојбата и да ги координира и систематизира сите постапки поврзани со македонските државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, а на кои им е потребна помош или асистенција.
„Истовремено, дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните. Согласно информациите од Амбасадите на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството во Скопје, тековно се зголемува бројот на наши државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја. Со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, велат од МВР.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.

