Македонија
Деспотовски: Не ни требаат готови, туку чесни кадровски решенија
Кој ќе биде во тимот со кој ќе работи Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ, беше една од темите во фокусот на онлајн-сесијата во живо, каде што ја презентира програмата „Нов почеток, нов СДСМ“.
Деспотовски предлага заедно со членството да се дефинираат идните носители на клучни функции во партијата.
„Време е заедно да го креираме новиот тим на СДСМ. Пред да зборуваме за имиња, заедно да дефинираме какви луѓе ни се потребни. Се фокусираме на тоа какви профили на луѓе ни требаат за највисоките партиски функции, со какви особини, образование, искуство, биографија. Не кој, туку каков. Да не ги приспособуваме политиките на луѓето, туку луѓето и мерките да ги избираме според политиките што треба да се спроведат. На СДСМ ѝ на државата не им требаат готови, туку чесни и успешни кадровски решенија“, порача Деспотовски.
Во однос на регионалната распределба на клучните места, Деспотовски нуди едноставно решение дека ако претседателот доаѓа од Изборната единица 1, другите клучни 5 функции на потпретседатели, генерален и организациски секретар да дојдат од сите други изборни единици.
„Воведуваме култура на почитување на разни мислења и промовирање професионален развој, обезбедуваме секој глас да биде слушнат и ценет. Во овој контекст ќе го споменам поранешниот претседател Бранко Црвенковски, од кој научив многу. И покрај тоа што имаше изграден став за доста прашања, беше доволно отворен да ги слуша сите на масата, од млади до универзитетски професори, луѓе од цела Македонија. И, веројатно, имаше доволно трпение и мудрост за да ги сослуша сите и на крајот некако преку таков разговор и да го модификува својот став. Клучниот принцип по кој се водам и јас е дека не може една глава да мисли подобро од 50. И, не, нема да се опкружам со луѓе што викаат браво и потврдуваат со главата, туку мислат со својата глава и дават свој придонес“, рече Деспотовски.
Тој нагласи дека на следните локални избори ќе се случи и практична реализација на еден од основните столбови на програмата а тоа е „Лојалност кон луѓето, не кон лидерот“.
“Кога кандидатите за градоначалници на следните избори ќе ги избере членството преку непосредни избори во самата партија, тогаш тој точно ќе знае каде ќе треба да ја насочи својата лојалност – кон базата во која сите се крстиме. Бидејќи базата е таа која му го дала мандатот а не лидерот во Скопје,“ вели Деспотовски кој е “убеден дека доколку членовите имаа можност да зборуваат отворено и да ги определат кандидатите за пратеници и носителите, и кандидатските листи ќе беа поразлични и можеби немаше да победиме ама сигурно немаше да доживееме ваков дебакл.“
За Деспотовски, изборите на 30 јуни се своевиден референдум за тоа дали членството сака да продолжи по старо или сака радикален дисконтинуитет и обединување.
„Доминацијата на струите во партијата, односно доминација на една струја со наметнување на едно решение се случи во 2021 и не мислам дека треба тоа сега да го повторуваме. И затоа отворено излегувам и зборувам и се борам против тоа. Мислам и дека изборите на 30 јуни ќе бидат одреден референдум, дали сакаме континуитет на таков тип на практикување политика каде еден центар кажува се или ќе почнеме да ги слушаме луѓето од кои патем речено зависиме. На овие избори имаме соочување на различни концепти. Концепт на кој почивал еден стар СДСМ и кој сега треба да се претвори во нов почеток и нов СДСМ, и концепт кој се појави во меѓувреме а којшто почива на волјата на два тројца,“ рече Деспотовски и додаде дека “партијата и порано во други тешки моменти била обединета, така што обединувањето сега треба да се случи со сите членови, особено со оние кои моментов се демотивирани, разочарани, гневни, бесни, а не да се случува на ниво на Скопје, посебно не меѓу кандидатите за претседател.“
Деспотовски го повика членството што помасовно да се регистрира и да гласа на 30 јуни за да не остават некој друг да го крои СДСМ по свој терк.
„Одлучете сами за да не одлучи некој друг во ваше име“, порача Деспотовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

