Македонија
Деспотовски: Новиот СДСМ ќе биде гласна, проактивна, критична и конструктивна опозициска партија
Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ продолжува со средбите на терен. Членовите во Крушево и Кичево ја истакнаа потребата од неопходна реформа на партијата и се наметна дебатата за тоа како ќе делува СДСМ како опозиција по изборот на новата Влада. Деспотовски посочи дека новиот СДСМ ќе работи на професионализација на партиските тела и ќе формира и влада во сенка како коректив на Власта и во заштита на граѓаните.
„За да имаме функционална демократија, настапот на опозицијата е форма на лидерство подеднакво важно за заштита и служба на интересите на граѓаните, како што е и кога партијата е дел од мнозинството. Затоа ќе бидеме гласна, проактивна, критична, конструктивна опозиција која ќе работи на заштита на интересот на сите граѓани. Пратениците, во соработка со партиските тела и комисии, после 30.06 ќе мора детално да ги анализираат и потоа коментираат предлозите кои доаѓаат од владејачкото мнозинство, но и активно да предлагаат решенија кои произлегуваат од потребите на граѓаните. Новиот СДСМ станува движечка, основна опозициска сила во Собранието,“ порача Деспотовски и додаде:
„На членовите, граѓаните и на земјава и е потребен силен СДСМ кој ќе се наметне како водечка, но и конструктивна опозициска партија и во Парламентот и на сите други нивоа. Со мудра политика и дефинирани јасни ставови за сите прашања кои не засегаат и како држава, а особено за се она што ги засега граѓаните. За да си го вратиме интегритетот и местото во општеството мора да преземеме храбри и одлучни чекори. И ова не е избор, ова е чин на одговорност што им го должиме на сите наши членови,“ рече Деспотовски.
Тој додаде и дека се предвидува професионализација на партиските тела како и градење на капацитети за да дејствува и како „Влада во сенка”. Ресорите во „Владата во сенка“ ќе работат во состав и со поддршка на тела (комисии) што ќе се формираат во рамките на партијата за одредени области (економија, надворешна политика, здравство, образование, социјална политика, зелена агенда итн.). Нивната задача е тридимензионална: прво, дебатирање и коментирање мерки што ги носи владата во одреден ресор; второ, предлагање мерки што би биле корисни за одреден ресор во државата што ќе бидат новина за владата, или алтернативни решенија на решенијата што ги нуди владата; и трето, постепено формирање личности потенцијални носители на високи функции во иднина и нивно промовирање пред граѓаните. Работењето на „Влада во сенка“ во најголема мера зави од изборот на личностите кои ќе членуваат во неа, а раководството на новиот СДСМ ќе се грижи првенствено за квалитетот и докажаноста на луѓето кои ќе членуваат во телата на владата во сенка. Меѓу останатото, Владата во сенка ќе се користи и како механизам за привлекување нови членови во партијата, пред сè млади луѓе, пишува во програмата на Деспотовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).
Македонија
Магла на два патни правци, најавен собир на регионалниот пат Берово – Струмица, сообраќајот ќе биде блокиран
Поради појава на магла се бележи намалена видливост од 50 – 60 магла има на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Најава за прекин на сообраќај: На 19.12.2025 година во 10.00 часот од страна на Месно население на село Двориште, најавен е јавен собир на Регионален пат П-1302 (Берово – Струмица) на место викано „Студенецо“, при што сообраќајот ќе биде блокиран, а возачите кои сообраќаат по патен правец Струмица – Берово, да ги користат алтернативните патни правци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне магла
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне наместа ќе има појава на магла. Во југоисточниот дел од земјата ќе дува слаб ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса до понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник кон крајот на денот ќе има услови за локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

