Македонија
Деспотовски: Партиските членови ќе ги избираат функционерите и ќе се мери нивниот учинок на јавните функции
Кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, на јавен настап и преку социјалните медиуми ги презентира основите на неговата програма „Концепт 28“ и го повика членството да го поддржат на изборите в недела. Основна цел на неговата програма, како што презентира Деспотовски, е да се подобри квалитетот на живот на сите граѓани во земјава.
„’Концепт 28′ поаѓа од луѓето и нивните проблеми и се потпира на луѓето. Поаѓа од многу конкретни мерки за тоа како да ги надминеме проблемите и како Македонија да ја направиме навистина пристојно место за живеење. Доста зборуваме за политичарите и политиките, време е да зборуваме за луѓето. Со оваа програма креираме политики и мерки за подобар живот и ниту еден човек нема да биде изоставен“, истакна Деспотовски.
Според Деспотовски, она што ја разликува оваа програма од другите е што фокусот е на тоа, прво, да се утврди какви луѓе се потребни на клучни позиции, а потоа да се зборува за „кој“.
„Се фокусираме на тоа како наместо кој. Се фокусираме на тоа каков профил на човек за претседател на Владата ни треба. Не јас, не кадровско решение, туку каков. Да не ги приспособуваме политиките на луѓето, туку луѓето и мерките да ги избираме според политиките што треба да се спроведат“, истакна Деспотовски.
Еден од главните принципи на програмата на Деспотовски е директен избор на клучните луѓе во партијата од страна на членовите.
„Воведуваме систем во кој кандидатите за градоначалник и пратеник ќе се избираат од членовите, а не од раководството. Ова е единствениот начин како градоначалникот и пратеникот да бидат одговорни кон луѓето, а не кон лидерот. Ја зајакнуваме отвореноста на СДСМ. Мора да ги научиме лекциите од минатото кога функционерите се отуѓуваа од луѓето што ги избираат. Нема повеќе простор за импровизации, нема криење од јавноста, пријателите, соседите“, рече Деспотовски.
Деспотовски најавува и воведување систем на мерливост на резултатите од политиките.
„Во ‘Концепт 28’ поставуваме прецизни и мерливи резултати по кои ќе се мери учинокот на претседателот на СДСМ, а истиот пристап ќе се воведе и за сите носители на јавни функции. Успехот во политиката и на највисоките позиции ќе се мери преку % на пораст на платите во однос на инфлацијата, преку % на пораст на вложувањата во здравството и образованието, преку % на природен прираст на населението. Само со мерливи резултати ќе можеме да кажеме што вистински сме постигнале“, истакна Деспотовски.
Со неговата програма, меѓу другото, тој предлага и конкретни мерки за унапредување на демократските процеси во партијата, професионализација на партиските тела, со цел поголема ефикасност и можности за едукација на кадри,, особено на младите, како и воведување култура на прифаќање и почитување разни ставови и мислења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

