Македонија
Детска клиника: Надоместоците за дежурства, како и платите и приходите на сите вработени се целосно законски регулирани
Клиниката за детски болести информира дека месечната исплата на надоместоци на вработените се извршува со примена на Законот за здравствена заштита, каде што истите се утврдени во:
1. Член 216 – Дежурство
2. Член 217 – Посебен случај на дежурство
3. Член 218 – Готовност
4. Член 219 – Плата и дел од плата за работна успешност, и
5. Член 220 – Додаток за работа во дежурство и готовност
„Во овие членови е јасно наведено во кои околности и услови се исплаќаат надоместоците, за дежурствата кои се целосно утврдени, за состојба на готовност кога здравствениот работник треба да биде 24/7 достапен на телефон или со други средства за комуникација, како и за сите останати надоместоци.
Во интерес на севкупната транспарентност на нашата институција во прилог на ова соопштение ви го доставуваме и законскиот акт (атачиран документ во ПДФ).
Сакаме да укажеме дека пресметката за надоместоците на директорката д-р Аспазија Софијанова никогаш не била исплатена со надоместоци во износите кои беа на одредени документи презентирани во јавноста.
Клиниката за детски болести како институција секогаш била отворена за транспарентна соработка со медиумите дури и во ситуации кога нашето време било потребно на друго место имајќи ја предвид нашата приоритетна работа грижата за здравјето на пациентите.
На крајот изразуваме жалење за начинот на комуникација во текот на вчерашниот ден“, се вели во соопштението од Детската клиника.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

