Македонија
Детски креативен камп во Охрид, најмладите да црпат инспирација од вистинската уметност
Од денес до сабота Охрид ќе биде домаќин на креативен камп за музика, сцена, лично и тимско усовршување, кој ќе го одржат Дејан Лилиќ, Андријана Јаневска и Сони Петровски.
„Идејата за еден ваков креативен летен камп потекна од културно-едукативниот центар „Креатив“, односно е заеднички проект на неколку луѓе што се активни во областа на музичко-сценските активности. Во земјата има повеќе вакви кампови кои претежно се поврзани со спортот, што, според мене, е одлично, но добро е да се внесе и една ваква новина, односно еден ваков креативен летен камп, кој ќе се занимава со малку поинакви теми. Имаме повеќе активности, но меѓу најважните се: правилно дишење, артикулација, изговор, трема и како да се справите со трема, сцена и однос кон публика, соло пеење, пеење во група, темпо, ритам, динамика, однос кон микрофон и подигнување личен и тимски дух. Сите теми се проследени со теорија и вежби. Всушност, ќе имаме седум работилници во текот на три дена, а секоја ќе трае по 3 часа. Ќе се одвиваат во Музичкото училиште во Охрид, каде што имаме одлични услови за работа и каде што 40-ина деца, кои се веќе пријавени, ќе може професионално да се запознаат со теми што не се третираат во голема мера во редовниот образовен процес. Овие седум работилници ќе ги завршиме в сабота со фестивалот „Детски свет“, вели актерот Дејан Лилиќ, кој е дел од организацијата на овој настан.
Според музичарот Андријана Јаневска, Охрид е идеално место за еден ваков камп. „Самиот град е многу креативно место. Имаме малку време, но ќе биде сосема доволно за сите деца што ќе се пријават. Ќе се обидеме да ги запознаеме со сè она што е важно за секој пејач – правилно дишење, опсег на гласот, правилно пеење, пронаоѓањето на вистинската боја, односот со микрофон… На сето ова ќе работиме во текот на овие денови и ќе им дадеме шанса на најмладите да добијат една ваква обука“, вели Јаневска.
Организаторите се надеваат дека кампот ќе прерасне во традиција не само во Охрид туку и во други градови каде што ќе работат со младите. Активни во „Детски свет“ и „Креатив“ се луѓе што значат нешто во државата. Еден од нив е Сони Петровски, композитор на забавна музика.
„Едукативниот центар ‘Креатива’ започна со работа пред една година и е фокусиран на неформалното образование на младите, односно поттикнување и развој на нивните таленти. Застанавме зад повеќе млади уметници кај кои препознавме потенцијал за формирање тинејџерска и младинска сцена во Република Македонија, кој многу ни недостига. Едно од тие лица е токму едно младо момче, Симеон Коруновски, кое живее во Охрид и зад него стои цел стручен тим кој придонесува за успешниот развој на неговата кариера. Симеон веќе има две песни кои се познати во македонскиот етер, учествуваше на еден меѓународен фестивал, од каде што се врати со Гран при, снима видеоспот и се надеваме дека како центар ќе поттикнеме уште вакви млади таленти“, вели Петровски.
Двата проекта се начин како децата да се мотивираат да одат и во театар, балет и на опера, од каде што ќе може да црпат инспирација од вистинската уметност.
„Сакаме да бидат вљубеници во уметноста преку која може да исцрпат многу искуства што ќе им користат како уметници, новинари и активни граѓани на оваа држава, додаваат организаторите. Нашиот камп ќе заврши со тоа што на младите ученици ќе им дадеме шанса да учествуваат на фестивалот ‘Детски свет’, кој ќе се одржи на малиот плоштад пред ТЦ „Амам“ в сабота на 16 јуни во периодот од 12 до 15 часот. Испраќаме голема благодарност до Општина Охрид и до сите што даваат несебична подршка на проектот. За сите млади од Охрид учеството е бесплатно, што според нас ќе биде дополнителен мотив за сите да земат активно учество на настаните“, додаваат организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

