Македонија
(Видео) Децата кои беа заклучени во автомобил се во добра состојба, нема траги на насилство

Двете деца кои синоќа беа оставени во автомобил на паркинг во скопската населба Ново Лисиче, a полицијата по пријава на граѓани ги извади од возилото и веднаш со возило на Итната медицинска помош беа пренесени во Клиниката за детски болести, се во добра здравствена состојба и ќе бидат пуштени во текот на денот. Контактиран е и Центарот за социјални грижи и понатаму постапката оди според законот, изјави докторката Весна Мицевска од Одделот за пулмологија при Клиниката за детски болести. Таа додаде дека мајката е со децата на Клиниката.
Докторката истакна дека децата ( девојче на возраст од 7 и машко на возраст од 4 години) при приемот на Клиниката биле лесно дехидрирани, што не било последица на престојот во автомобилот, оддавале впечаток на запуштени (валкани во нечисти алишта) во свесна состојба, исплашени и свесни со уредни витални параметри.
„Хоспитализирани се на Одделот за пулмологија Б за обсервација, направени се рутински лабораториски анализи кои се со уреден наод и спроведена перорална рехидрација. Тие се во добра здравствена состојба и се планира нивно отпуштање“ дополни Мицевска.
Таа напомена дека основна причина за фатален исход при затворање деца во возила е затопленост и дехидрацијата и сите последиците до кои доаѓа при подолг престој во затворен простор при високи температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити го претстави мега-спортскиот проект во Чаир

Првиот Заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, воедно и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, денес го претстави најголемиот спортски проект во историјата на Чаир, трансформација на напуштениот базен во нов, модерен спортски и рекреативен центар.
Овој амбициозен проект, конципиран по примерот на познатите спортски центри „Јане Сандански“ во Аеродром и „Борис Трајковски“ во Карпош, има за цел да донесе мултифункционален центар според европски стандарди, во срцето на Чаир.
„Комплексот ќе содржи: голема спортска сала за ракомет, одбојка и кошарка со капацитет од над 3.000 гледачи, затворен фитнес центар, сали за пинг-понг и боречки спортови како карате и бокс; како и надворешни игралишта за мал фудбал и две кошаркарски игралишта – отворени и достапни за сите граѓани”, информираше Меџити.
Според него, проектот ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство, при што Општина Чаир ќе ги обезбеди сите правни и институционални предуслови во целосна соработка со централната власт.
„Инвеститорот што ќе биде избран, ќе има обврска да изгради центар што ги исполнува современите стандарди и да понуди одржлив модел на функционирање. За возврат, ќе има право да го користи комплексот во рок од 20 до 30 години“, изјави Меџити.
Тој додаде дека по истекот на тој период, овој модерен спортски и рекреативен центар ќе стане целосна сопственост на Општина Чаир и на сите наши граѓани. Со одлука на Влада на РСМ е дадено на трајно користење на Општина Чаир и Општината може да управува односно да ги спроведе сите процедури кои се потребни за реализација на овој проект.
Време е и Чаир да добие спортски центар од европски ранг, порача Меџити за време на презентацијата.
Македонија
(Видео) Полицискиот хеликоптер денеска фрли повеќе од 30 тони вода врз дел од пожарите

Денеска полицискиот хеликоптер Бел 412 беше ангажиран во два наврати за гасење пожар во реон на село Русиново и во реон на село Никуштак на Скопска Црна Гора и притоа исфрли преку 30 тони вода, соопшти МВР.
– Активностите на полициските хеликоптери продолжуваат и во наредните денови, се до целосно гасење на пожарите на територијата на целата држава, известува МВР.
Македонија
Меџити: Работа, не зборови-започнува целосна реконструкција на улицата „Банатска“ во Чаир!

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, воедно и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска присуствуваше на почетокот на градежните работи за целосна реконструкција на улицата „Банатска“ во населбата Топхана.
Овој проект е еден од многуте инфраструктурни зафати што Општина Чаир ги реализира со цел подобрување на животните услови на граѓаните, изјави Меџити пред присутните жители.
„Инвестицијата, во вредност од околу 3 милиони денари, е финансирана преку Вториот повик на Владата за поддршка на општините. Работите опфаќаат целосно асфалтирање“, истакна Меџити.
Тој додаде дека оваа инвестиција ќе овозможи побезбедна, пофункционална и поодржлива инфраструктура за жителите на оваа населба, директно придонесувајќи за зголемен квалитет и удобност на живеењето.
„Овој проект е конкретен доказ за нашиот модел на управување, професионалност, ефикасност и постојан фокус кон граѓанинот. Секоја интервенција во инфраструктурата е чекор кон поразвиен, помодерен и поинклузивен Чаир“, изјави Меџити во своето обраќање.
Општина Чаир, додаде Меџити и во следните четири години ќе продолжи со реализација на слични проекти кои имаат за цел создавање на квалитетна, безбедна и достапна урбана средина за сите граѓани.