Македонија
Децата на подолго болничко лекување нема да губат настава, на Детската клиника се воведува формално образование
За да нема прекин на воспитно-образовниот процес на учениците што имаат посериозни здравствени предизвици и се на болничко лекување повеќе од три недели, Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за здравство и Здружението САНО, кое им помага на децата заболени од канцер или други малигни и хронични болести, од септември воведува формално образование во здравствените установи. Во зависност од здравствената состојба, ќе може да се вклучат онлајн на наставата во својот клас, да се организира индивидуална настава или преку асинхрона комуникација да добиваат материјали и да ги решаваат домашните задачи.
Ова денес беше соопштено од страна на министерката за образование и наука Весна Јаневска, која заедно со министерот за здравство Азир Алиу и претседателката на САНО, Марија Вук, ја посетија Клиниката за детски болести.
„Децата со сериозни здравствени предизвици најчесто се соочуваат и со дополнителни образовни предизвици. За жал, на Детската клиника секогаш има дечиња што се наоѓаат на подолготрајно лекување поради што не може да ја следат редовната настава. Но, за ова постои решение и новата Влада со поддршка од граѓанскиот сектор го дефинира и го уреди системски и отсега повеќе нема да биде како во минатото кога всушност и постоеше една неправда, па би рекла и дискриминација кон децата со сериозни здравствени предизвици“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека секое дете на школска возраст, кое е сместено на Клиниката за детски болести повеќе од три недели, додека трае учебната година, ќе може онлајн да се вклучи во наставата во својот клас или, пак, наставникот ќе организира индивидуална настава во зависност од здравствената состојба на ученикот и тоа по наставна програма приспособена на неговата состојба. За оваа цел се користат истите дигитални алатки што ги користат и другите ученици, ЕДУИНО и платформата за дигитални интерактивни учебници. Училиштето во кое е запишан ученикот може да му додели електронски уред од фондот на таблет-компјутери, кои МОН ги има обезбедено и доставено до училиштата.
Доколку училиштето има доволен кадровски потенцијал, наставникот може и да го посетува ученикот во здравствената установа и таму да ја реализира наставата, но тоа повторно зависи од состојбата и можностите на ученикот.
Јаневска информира дека за време на распустот се организираат обуки за ефикасна работа на наставниците на далечина.
„Сакам да потенцирам дека ниедно дете не смее да биде лишено од образование само затоа што се лекува. Болеста не значи изолација, прекин или заборавеност. Напротив – болеста е предизвик, а ние како општество им должиме поддршка, структура и надеж. Со инвестирање во нивното знаење инвестираме во една поправедна, поемпатична и посилна иднина“, додаде Јаневска.
Министерот за здравство Алиу рече дека покрај овозможување највисоко ниво на здравствена заштита од терциерен карактер на клиниката, оваа иницијатива претставува значаен чекор кон целосна инклузија на болните деца и нивно побрзо враќање во училишните клупи.
„За нас, најважна е целосната грижа за децата – не само нивното оздравување, туку и нивниот образовен и психосоцијален развој“, рече Алиу.
За директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди, вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, односно полесно поминување на долготрајниот пат на лекување.
Марија Вук, претседателка на САНО, изрази благодарност што по повеќегодишна заложба за формално образование во здравствените установи, актуелното раководство на МОН ја прифати иницијативата додавајќи дека граѓанското здружение почнува јавна кампања за подигнување на свеста за образованието на децата на подолготрајно лекување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

