Македонија
Децата од СОС Детското село се дружеа со тимот на Русковска
Претставници на Амбасадата на САД, обвинителката Вилма Русковска со тимот од Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, се само дел од посетителите на СОС Детското село кои им поделија подароци на децата за новогодишните празници.
„Традиционално, во убава предновогодишна атмосфера, Георгиевски беше наш гостин. Со оваа посета ја заокруживме успешната соработката за оваа година и си посакавме реализација на многу нови проекти и успешни активности во 2020 година. Новогодишната магија во СОС Детско село сè уште трае. По повод новогодишните и божиќните празници, маринците од Амбасадата на САД во Македонија и оваа година нè израдуваа со прекрасни подароци како дел од Програмата на фондацијата ‘Играчки за деца’”, соопштија од СОС Детското село.
Каков прекрасен ден! Новогодишната магија во СОС Детско село сеуште трае??Традиционално, по повод новогодишните и…
Posted by СОС Детско село on Петок, 10 јануари 2020
Шефицата на Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, вели дека нејзиниот тим постојано покажува општествена одговорност учествувајќи во активности организирани од други институции, но и активности што ова малубројно обвинителство само ги иницира, особено кога станува збор за помош и поддршка на ранливите категории.
„Ова не ни е првпат, секогаш се договараме за тоа кој ќе ни биде таргетот и така определуваме што ќе подготвуваме. Некогаш подароците се рачно изработени од нас – обвинителите и вработените. Среќни сме што можеме некого да израдуваме и тоа е доволно за нас, затоа и не информираме за овие наши активности. Во СОС детското село бевме прекрасно примени, разговаравме за секојдневието на децата и родителските мајки, за нивните планови и желби, ни ја покажаа куќата во која живеат, нивните детски соби и тајни катчиња. Се разделивме по неколкучасовно дружење посакувајќи си оваа наша прва средба да биде само почеток на едно трајно дружење. Нема поубаво заокружена година од онаа што завршува со весели детски очиња и искрена топла прегратка “, вели Русковска.

Во предновогодишниот период СОС Детското село организираше и дружење со нивните поранешни штитеници. Акцијата „Бидејќи секое дете ги заслужува ѕвездите, замени ги незаменливите“ за собирање средства за помош на децата од Детското село продолжува и понатаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

