Македонија
Децата со лесна попреченост ќе бидат вклучени во редовната настава

На својата редовна седница Владата ја прифати информацијата за потребата од задолжителна инклузија на децата со лесна попреченост во редовните училишта во земјата.
Притоа Владата го задолжи Министерството за образование и наука да воведе систем на следење на развојот на овие деца од страна на стручните инклузивни тимови во сите основни училишта во земјата најдоцна до март 2019 година и на квартално ниво да ја известува Владата за нивниот развој.
Исто така, министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика, за здравство и Бирото за развој на образованието се должни во рок од 3 месеци да изготват унифицирани формулари за постапката за запишување и отпишување, како и за следење на развојот на децата во основните и средните специјални училишта, кои ќе ги содржат сите потребни податоци за децата и да ја информираат Владата за преземените активности. Овие институции исто така се должни до јуни годинава да подготват анализа за трансфер на децата со лесна психичка попреченост од училиштата за деца со посебни потреби во редовните училишта со предлог за група/групи на деца што ќе може да се трансферираат од учебната 2019/2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Лефков: Самиот Зоран Заев призна дека потпалувачот на пожари бил шофер кај него во општината, СДС да се извини и огради од Заев

Самиот Зоран Заев призна дека потпалувачот на пожари бил шофер кај него во општината, СДС да се извини и огради од Заев. Зоран Заев во изјава за еден пишан медиум кажа: ,,Александар Николов во тоа време, колку што се сеќавам, работеше на портирницата во општината и беше возач на општинско возило”, посочи Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
„Лицето А.Н. кое било шофер кај Заев е потпалувач на пожар, кое е уапсено од полицијата. Кој може да верува дека шоферот на Заев потпалувал пожар на своја рака, без нечија насока“, прашува Лефков.
Дел од пожарите, според него, се потпалуваат од лица блиски до опозицијата, а затоа има и уапсени.
„И додека овие пиромани како шоферот на Заев ги палат пожарите, СДС и нивните апологети креваат паника и шират лаги во јавноста.
СДС се притиснати до ѕид. Наместо да држат прес-конференции и сеат магла, да се извинат за шоферот на Заев и оградат од него“, додаде Лефков.
Македонија
На Табановце се чека околу 45 минути, зголемена фреквенција на возила поради летните одмори

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце, времето на чекање за влез и излез од државата е околу 30-45 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Викендов сончево време со услови за локален пороен дожд

Утре и во деновите од викендот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Ќе има услови за локална појава на пороен дожд и грмежи, информира УХРМ.
В понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а од вторник се очекува стабилизирање на времето.

Извор: УХРМ