Македонија
ДЗР утврди неправилности во финансиското работење на АД „Државна лотарија“ и можни злоупотреби со паричните средства во готово
Со извршената ревизија во АД Државна лотарија за 2024 година, утврдени се сериозни неправилности кои се поврзани со нелогични и непостоечки трансакции, записи без соодветна финансиска документација или поткрепени со неверодостојни документи, поради што постои сомнеж за злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки, соопшти Државниот завод за ревизија.
Со извршената ревизија е утврдено дека во 2024 година, вкупно остварениот дневен пазар, по основ на продажба на лотариски и електронски игри на среќа кај 10 сопствени продажни места на друштвото, изнесува 46.039 илјади денари (746.970 евра), но истиот не бил редовно уплатуван на платежни сметки во деловните банки на друштвото, иако согласно законската регулатива правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка.
Во текот на 2024 година друштвото само во два наврати извршило уплата на име “дневен пазар‘‘ и тоа: во април 2024 година уплатени се 36.364 илјади денари и на крајот на 2024 година уплатени се 15.427 илјади денари. При тоа, ревизорите утврдија дека овие уплати не се од примените парични средства во готово – „дневен пазар‘‘, туку претставуваат средства кои се подигнати како готовина од една и уплатени како дневен пазар на друга сметка на друштвото.
Државните ревизори, исто така, утврдиле дека директорот на Секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници (околу 320 правни лица со договор за соработка) во износ од 13.971 илјади денари, без да го користи пропишаниот начин на исплата преку Мастер дилер.
За поголем дел од овие трансакции, во износ од 13.054 илјади денари, доставени се неуредни и невалидни документи или воопшто не се доставени документи, поради што постои несигурност во однос на вистинитоста на евидентираните настани.
„Постојат случаи во кои на деловните соработници, на ист ден им се извршени исплати на парични средства и преку благајна и преку Мастер дилер, без логично објаснување за причините и потребата од овој начин на дејствување. За евидентираните одливи (36.465 илјади денари) и приливи на парични средства (7.897 илјади денари) во готово, по основ на дадени и вратени аванси за исплата на мали добивки кај сопствените продажни места на друштвото, ревизорите утврдија дека поткрепувачката документација е спорна и неверодостојна“, се наведува во ревизорскиот извештај.
Во 2024 година, инстант лотаријата е застапена со 12 различни вида на инстант лозови со добивки во пари и предмети. Ревизорите истакнуваат дека евидентираниот износ на неисплатениот фонд на добивки за инстант лотарија во сметководството е за 63.294 илјади денари помал во однос на износот добиен според централниот on–line систем, што не е во согласност со правилата на играта, ја доведува во прашање можноста за исплата на идните добивки и го загрозува интегритетот на Државна лотарија.
Во текот на 2024 година во Државна лотарија евидентирани се трошоци за реклама, пропаганда, промоција и саеми во износ од 220.823 илјади денари, односно 3.582.811 евра. Во периодот од 2020 до 2024 година, овие трошоци бележат континуиран раст, односно во годината предмет на ревизија истите се 10 пати поголеми споредено со 2020 година.
Ревизорите утврдиле и други случаи во кои не е можно во целост да се потврди наменското и рационално користење на јавните средства за маркетинг активности. Според информацијата добиена од националната телевизија на која се емитувани забавните емисии, во текот на сезоните 2023/2024 и 2024/2025 година биле емитувани вкупно 70 емисии, додека 8 емисии за кои се исплатени вкупно 2.723 илјади денари, не се доставени до друштвото, поради што ревизорите не се увериле дека истите се продуцирани.
Утврдени се неправилности и во управувањето и користењето на објектите земени под закуп, нерационално користење на јавни средства за закуп, нивна реконструкција и реновирање, како и отсуство на сметководствена евиденција за вложувањата во туѓи средства.
Ревизорите во извештајот истакнуваат дека за деловната 2024 година раководното лице на друштвото склучило договори за дело за вршење на привремени работи со вкупно 195 лица, од кои 75 лица не доаѓале на работа и не извршувале работни задачи, а за истите незаконски и ненаменски исплатени се 14.911 илјади денари, односно 241.928 евра.
Неправилности и незаконитости се утврдени и кај трошоците за службени патувања во странство во вкупен износ од 6.041 илјади денари, при што за дел од нив исплатени се издатоци иако истите не биле реализирани (3.331 илјади денари) или биле исплатени без документација која го потврдува трошокот (2.710 илјади денари).
Во овие трошоци, според извештајот, се вклучени и трошоци за репрезентација, посета на културни институции, набавка на облека за лична потреба, сувенири и слично во вкупен износ од 3.092 илјади денари.
„Дел од трошоците за репрезентација се оправдани врз основа на неверодостојни документи. Слични неправилности се констатирани и кај трошоци за одржување на возила и набавка на гориво во износ од 985 илјади денари“, се наведува во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

