Македонија
Дигитализацијата на јавните услуги поттикнува развој на економијата и привлекува странски инвестиции
Во последно време многу се зборува за дигитализација на јавниот сектор и потребата од поефикасна администрација која им е на услуга на граѓаните и фирмите. Е-услугите всушност бараат современа инфраструктура, односно креирање на една платформа на која секое министерство, секоја институција која им нуди јавни услуги на граѓаните и фирмите е претставена со посебна апликација. Сите тие апликации се меѓусебно поврзани. Таквата поврзаност во рамки на една база значи заштеда на ресурси, првенствено време.
Граѓаните и фирмите често имаат забелешка дека предолго се чека услугата од некоја институција или дека предолго трае комуникацијата меѓу институциите, за да се избегне тоа во современиот свет се дигитализираат јавните услуги. Нема документи во хартиена форма, нема шетање од шалтер на шалтер и губење време и пари.
„Владите, во Европа и пошироко, најчесто ги развиваат е-услугите на Microsoft Azure -intelligent cloud and intelligent edge платформата и веќе ги забележуваат огромните заштеди кои се резултат на имплементацијата на е-услуги за граѓаните“, вели Љупчо Георгиев, Директорот на Мајкрософт во Македонија. „На пример, Велика Британија проценува намалени трошоци од 42 милиони фунти како резултат на намалено време на чекање и пониски трошоци за обезбедување на услугата. Потоа, чешкиот град Оломук со 700 вработени во јавната администрација си поставил цел да го забрза добивањето услуга, да го намали времето на чекање и да го олесни пристапот и менаџментот на документи. Благодарение на дигиталното решение од која било точка на државата може лесно да се пристапи до сите податоци и документи, а со тоа се подобри и ефикасноста на вработените.“
Технологијата е корисна само ако ни помага да намалиме трошоци и да ја зголемиме ефикасноста, ако обезбедува поддршка во менувањето и унапредувањето со цел да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните и компаниите. Промените директно се чувствуваат во начинот на кој се следат состојбите, се пријавуваат и решаваат проблемите. Бенефитите се највидливи во доменот на оптимизација на сообраќајот и одржување патна инфраструктура, координација на здравствените услуги, во образованието и подготовката на кадри за идни барани професии, лесен пристап до податоци за издавање дозволи, инспекциски надзор, енергетска ефикасност и јавна безбедност.
Мајкрософт веќе 20 години е партнер на владите во регионот помагајќи им на лидерите да ја зголемат ефикасноста, да ги намалат трошоците и да го подобрат квалитетот на услугите за граѓаните.
„Сите држави во регионот ја користат платформата и во соработка со Мајкрософт се на одличен пат кон дигитална трансформација на јавниот сектор, сите ги имаат сфатено предностите на е-услугите и што значи менаџмент на држава во 21 век. Клучен момент е нашата земја да фати приклучок додека сѐуште не е процесот отиден толку напред па да не можеме да се прилагодиме“ – истакнува Георгиев. „За илустрација ‘Загрепски холдинг’ овозможува, комунални, транспортни, енергетски и комерцијални услуги за Град Загреб. Се работи за збир од различни јавни претпријатија кои користат различни платформи, што претставувало безбедносен ризик и предизвикувало проблеми за централизираното управување. Решението кое го имплементираат е комбинација од Windows 10, Office 365, Azure, Enterprise Mobility + Security со што се подобрува ефикасноста, услугите централизирано се менаџираат, а безбедноста е на највисоко ниво со што граѓаните се позадоволни од јавните услуги што ги добиваат.“
Во пошироки рамки ефикасен дигитален систем на јавни услуги е неопходен за економскиот раст на една држава и конкурентноста на глобалниот пазар. Дигитализацијата на јавниот сектор подразбира развој на стопанството, односно приватниот сектор. Од аспект на инвестиции, со самото влегување во ЕУ и НАТО нашата земја треба да исполни одредени стандарди кои се во поодмината фаза на дигитализација. Секој што ќе сака да инвестира сака да знае дека има стабилен судски систем, инфраструктура, едукативен систем кој продуцира квалитетни кадри, добар здравствен систем, односно да знае дека сѐ она што како поддршка јавниот сектор ќе треба да му го пружи на оној кој влегува и инвестира тука е ефикасно и штеди време и пари. Не смееме да одложуваме и чекаме, мора да преземеме чекори кои зборуваат дека ние сме безбедна земја за инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

