Македонија
Дигитална царина oд први јуни
Стартува дигиталниот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), Сите извозни декларации по полноќ, поднесуваат во СОЦДАД.
Од Царинската управа велат дека прават голем напредок во остварување на својата визија и избиваат на водечко место во регионот.
„СОЦДАД е систем кој е во ранг на најсовремените системи кои се користат од страна на земјите членки на ЕУ и со негова примена, нашата земја е чекор понапред кон исполнување на барањата за влез во Европската Унија. Со имплементацијата на новиот систем, кој претставува предуслов за понатамошно развивање на дигиталните решенија и услуги, значително се поедноставува работата на сите учесници во царинската и надворешно-трговската постапка во ефикасна и модерна царинска околина. Царинските постапки кои досега се реализираа на хартија ќе бидат заменети со електронски постапки. СОЦДАД е современ и комплексен систем кој ги интегрира постоечките системски решенија“, велат од Царинската управа.
За економските оператори, тоа би значело намалување на времето на поднесување на декларации, поедноставување на процесите и значително намалување на трошоците. Сите процеси се автоматизираат со што се намалува можноста за човечки грешки, како и ризикот од недозволени дејствија и корупција.
До СОЦДАД економските оператори можат да пристапуваат преку сопствени системи или со користење на Порталот за трговци на Царинската управа, кој е достапен без надомест.
„Уште еднаш апелираме сите економски оператори за непречено поднесување царински декларации во новиот систем навремено да проверат дали ги исполнуваат основните услови: да поседуваат електронски потпис (сертификат), да имаат одобрен пристап до СОЦДАД; доколку поднесуваат декларации како застапници, потребно е во СОЦДАД да побарале и добиле одобрение за застапување. Предуслов за ова е претходно најмалку еден вработен да побарал и добил лиценца за застапување во СОЦДАД. Сите одобренија поврзани со царински постапки мора претходно да бидат обезбедени во СОЦДАД“, велат од Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бесплатен интернет во новиот парк-плоштад во Марино
Општина Илинден во соработка со Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ) започна со реализација на активностите за поставување бесплатна јавна WiFi мрежа на новиот парк-плоштад во Марино.
„Проектот е дел од иницијативите за унапредување на дигиталната поврзаност во регионот на Западен Балкан и претставува значаен чекор кон модернизација на јавните простори и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Со имплементацијата на оваа услуга, посетителите на парк-плоштадот ќе имаат можност за бесплатно и неограничено користење на интернет, овозможувајќи полесна комуникација, пристап до информации и дигитални услуги додека уживаат во погодностите на овој урбан простор“, велат од Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека дигитализацијата на локално ниво претставува стратешки приоритет на општината, при што нагласи дека континуираното вложување во паметни и иновативни решенија е насочено кон создавање модерна, функционална и урбана средина, која одговара на потребите на граѓаните и на современите општествени текови.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.

