Македонија
Димитриевски бара внатрешната контрола во МВР да ја истражи кривичната против него
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, достави претставка до одделот за внатрешна контрола во МВР за отпочнување комплетна истрага за тоа како е спроведена постапката за поднесување кривична пријава против него која беше отфрлена од страна на Јавно обвинителство како неоснована.
„Верувам во институциите на системот и уверен сум дека овој предмет ќе има разрешница. Оваа држава мора да има капацитети за спроведување на правото и мора да има еднаквост, непристрасност и професионалност без разлика на политички притисоци. Убеден сум дека во МВР има професионалци кои ќе ја истераат цела истрага до крај. Се поставува прашање ако се случува вакво нешто за лице што извршува јавна функција што останува за обичниот граѓанин. Мора да се елиминираат сите злоупотреби. Очекувам во најкус временски рок да се утврди фактичката состојба и да излезе со соопштение со сите прекршувања за самата постапка“, изјави Максим Димитриевски.
Тој рече дека во ниеден момент од истрагата не било побарано став или негово мислење. Димитриевски најави кривична пријава до Државниот санитарен и здравствен инспекторат за објавување лични податоци во јавноста изнесени на прес-конференцијата од страна на Ирина Сотирова-Бухова.
„Ова не смее да се повтори за никого во Македонија, сите сме еднакви пред Уставот и законите. И мора да има ред“, додаде Димитриевски.
Како одговор на новинарско прашање дали останува член на СДСМ, Димитриевски изјави: „Јас сум СДСМ и останувам во СДСМ, таму е моето место, таму се развивав како политичар и таму функционирам. СДСМ е демократска партија каде различни ставови се нормална работа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Јавното обвинителство мора да отвори предмет за тендерот од 1,2 милиони евра“, бара СДСМ
„Јавното обвинителство не смее да молчи за криминалните тендери туку да делува. Обвинителството мора веднаш да отвори предмет и да започне истрага за скандалозниот тендер од 1,2 милиони евра во АД Пошта, доделен на фирма на советник од ЗНАМ“, велат од СДСМ.
„Антикорупцискиот тим објави конкретни наводи и докази од свиркач, вработен во Пошта за организирано испумпување јавни пари и системска кражба на пари од граѓаните.
Постојат основани сомнежи дека над 300.000 евра годишно, пари на граѓаните, се вадат преку корупциски шеми.
Како? Според наводите, недостасуваат постојано околу 14 хигиеничари а други работата со половина работно време и покрај тоа што за сите нив се исплаќа целосен износ, како да се вработени и присутни цел ден.
Како се прикрива сето ова?
Со потпишување лажни дневници за отсутни хигиеничари, лажни извештаи за наводни генерални чистења кои никогаш не се реализираат.
Ако институциите не постапуваат значи дека се заштитници на криминалот на ВМРО и ЗНАМ.
Бараме Јавното обвинителство да отвори предмет и итно да покрене истрага.
Секој што го прекршил законот мора да одговара“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)

