Македонија
Димитриевски: Комплексот К4 ќе добие повеќе паркинг места, зелени површини и ќе се спречи градба на нови згради!
Кандидатот за градоначалник на Куманово од редовите на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, најави целосна реконструкција и уредување на просторот кај комплексот згради К4, во близина на Економското училиште.
– По примерот на дворот на Економско училиште планираме реконструкција на целиов простор и сите зелени површини во овој комплекс на згради. Дополнително проширување на паркиралиште, места за паркирање, воведување на втора паркинг зона со одбележување на сите места за паркирање коишто ќе бидат бесплатни за сите резиденти жители коишто живеат на оваа локација, изјави Димитриевски.
Тој истакна дека шпекулациите за изградба на нови објекти на овој простор се неточни и дека нема да дозволи дополнително пренатрупување со станбени згради во централното градско подрачје.
– Сакам да ве информирам дека сите шпекулации поврзани со наводни градби на нови објекти и нови станбени згради на овој простор се веќе запрени и ќе бидат запрени. Токму јас, Максим Димитриевски, се борам против урбаниот градежен хаос којшто со децении трае во Куманово и никогаш во рамките на мојот мандат нема да дозволам пренатрупување на станбени згради, особено во централно градско подрачје, порача Димитриевски.
Тој додаде дека градот ќе отвора нови градежни зони каде инвеститорите ќе можат да вложуваат во изградба на станбено-деловни комплекси, со цел рамномерен и уреден урбан развој.
Од граѓаните, за таа цел, побара поддршка во вториот круг од изборите на 2ри ноември.
– Ве повикувам во недела да искочите масовно и да ми дадете поддршка на престојните избори, бидејќи токму јас сум тој којшто заедно со вас се грижи Куманово да продолжи да се развива и да се менува, како и во сите досегашни осумстотини проекти реализирани во градот,“ изјави тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

