Македонија
Димитриевски на промоцијата на движењето „Знам – за наша Македонија“: Ќе изградиме правна држава во која граѓаните ќе бидат еднакви
„Факт е дека се работи на квантитет, а не на квалитет. Факт е дека создаваме необразовани генерации и тоа мора да се искорени. Студентите се нашата иднина. Ќе им ги дадеме сите можности да студираат бесплатно, а не да плаќаат. Да имаат можност да студираат во странство на сите врвни универзитети. Да може да останат овде во Македонија. Првенствено, нашата основна цел е да се вратиме на темелите на нашата државност, тоа што постојано го газат. Ќе работиме да изградиме држава во која право и правда ќе има за сите, а правата на сите граѓани ќе се почитуваат еднакво почнувајќи од најмладите, па сè до пензионерите. Ќе работиме да изградиме држава што ќе ги задржи младите дома. Ние знаеме како и заедно со вас граѓаните ‘Знам’ дека ќе успееме“, порача градоначалникот и идеен творец на движењето „Знам – за наша Македонија“, Максим Димитриевски, на вчерашното потпишување на иницијативата.
Мотото на партијата, која во следниот период и правно-формално ќе биде формирана, по собирање на потребните потписи, е „Од граѓаните за граѓаните“, а основна цел ќе биде да ги обедини граѓаните и да ја врати земјата на вистинскиот пат.
Пред присутните се обрати и Мила Петрушевска како претставник на младите и борец за студентските права, која посочи дека во изминатиот период во заедничката борба со студентите за подобар студентски стандард била сведок на многу лажни ветувања и празни зборови без конкретни дела, што било мотив и волја да се приклучи на движењето „Знам“ верувајќи дека ќе биде водечко на политичката сцена за промени во нашето општество.
„Такво искуство имам од средбите во Собранието и во МОН, каде што чест пати по милозвучните зборови на функционерите, забораваа на нашите потреби во истиот момент откако ќе излезевме. Кусо кажано – служевме само за нивна ПР-стратегија во јавноста за тоа како се грижат за младите, а всушност во реалност – младите сè повеќе и повеќе масовно се иселуваат. Младите се иселуваат поради тоа што веќе не можеме да се пофалиме со квалитетно образование, младите се иселуваат бидејќи немаат ни хумани услови за сместување и седење во студентските домови, младите се иселуваат поради тоа што за успех се смета покачувањето на студентскиот оброк за цели 20 денари, се иселуваат поради тоа што предиспозиции за успех се сметаат дали некој е член на партија или син/ќерка на некој што е носител на јавна функција“, истакна Петрушевска.
Македонија нема време за чекање, а иднината е во рацете на младите. Кога кај тие што ја водат државата не постои политичка волја за решавање на реалните проблеми на своите граѓани, на идните генерации им останува да го плаќаат долгот од нивното неработење, дополни таа, порачувајќи дека токму младите од движењето „Знам“ ќе им покажат дека се првата авангардна сила на браникот на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Груевски ѝ ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ: „Мнозинството ги казни политиките што ги постави Заев“
Експремиерот во бегство, Никола Груевски, им ја честита победата на парламентарните и на претседателските избори на своите поранешни сопартијци коментирајќи дека мнозинството ги казни политиките што ги постави Зоран Заев, а очекувањата на народот не смее да бидат изневерени.
„Судбината сакаше на Денот на победата над фашизмот, одбележувајќи го големиот пораз на фашизмот во 1945 година, да ги поздравам големиот пораз на СДСМ и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите одржани вчера, како на парламентарните така и на претседателските избори.
Вчера, иако со поголемо задоцнување, убедливото мнозинство жестоко ги казни и порази политиките на СДСМ, кои ги постави Зоран Заев, а ги следеа неговите слепи послушници.
Политики полни со национални предавства, криминали, длабока корупција и лично богатење на грбот на граѓаните, секојдневни лаги и манипулации, злоупотреби, политички прогони на неистомислениците, нефункционалност на државните институции и нивно ставање во лична полза, како и неспособност од големи размери.
Политики што Македонија ја уназадија во секој поглед, неповратно иселија огромен број граѓани и ја доведоа земјата во позиција на потчинетост пред негаторите на нацијата и на македонскиот идентитет, јазик, историја, име, националност и посебност. Политики со кои Македонија беше константно 7 години економски уништувана, осиромашувана, ограбувања и морално пропаѓана. ВМРО-ДПМНЕ доби голема подршка од граѓаните.
Честитам!
Но, и голема обврска пред народот и големи очекувања и надеж кај нив, кои не смее да се изневерерат.
Со среќа!
И со ум!“, напиша Груевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги постави контурите за коалирање со партиите – во фокусот се три точки
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, информира дека претпладнево одржал состанок, на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со другите партии.
Фокусот ќе бидат луѓето на прво место, вели Мицкоски.
Трите значајни точки врз кои ќе почиваат преговорите за коалициските партнери во новата влада се: економски силна држава преку реформи и чекори, кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард; фронт против криминалот и корупцијата и постигнување правда; реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции преку дијалог и исполнување принципи.
Мицкоски рече дека очекувањата се големи, а одговорноста кон народот уште поголема.
Партискиот лидер уште пред изборите најави дека ВМРО-ДПМНЕ планира да коалира со албанскиот опозициски блок „Вреди“, а не со ДУИ, а за која партијата смета дека треба да замине во опозиција.
Македонија
АРМ во Охрид ќе реализира показна вежба: ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти
Секторот за внатрешни работи Охрид ги известува граѓаните на Охрид дека утре во периодот од 10.00 до 12.00 часот во водите на Охридското езеро во близина на центарот за обука на вода во Охрид, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ ќе реализираат показна вежба – препад на пловен објект.
За време на вежбата ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема што ја користи Армијата.
СВР Охрид, ги известува граѓаните дека, во врска со оваа активност, денеска во периодот од 13 до 15 часот, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ, на истиот простор ќе изведат подготвителни активности со цел, успешна реализација на утрешната показна вежба.