Македонија
Димитриев му пиша на Рама дека и без нивно мешање ќе се најдат решенија
Македонскиот премиер Емил Димитриев, во четврток му напиша писмо на албанскиот премиер Еди Рама во кое наведува дека постојаното мешање во внатрешните работи на Република Македонија прави голема штета на добрососедските односи со Албанија и е спротивно на европските вредности.
„Верувајте, тоа не помага никому. Не ѝ помага на Албанија чии граѓани очекуваат од Вас да се зафатите со слабостите во владеењето и економијата. Не ѝ помага на ЕУ зашто и ним им е јасно дека барате само изговор за кавги надвор за да не се говори за она што сте или не сте го сториле дома. Не ѝ помага ниту на Македонија чии граѓани сакаат суверена и независна земја во сегашните граници. Тие граѓани ја плаќаат цената за Вашите наводни амбиции да ја редефинирате Македонија, наместо да ја реформирате Албанија во постојните граници. Не помага ни на партиите во Македонија кон кои се однесувате покровителски и несоодветно потценувачки“, пишува Димитриев.
Димитриев му пишува на Рама дека убеден е „дека и без Вашето мешање ќе изнајдеме решенија за нашите предизвици и конечно, многу е некоректно да потпалувате националистички оган“.
„Албанскиот јазик е нашироко застапен во Македонија. Албанскиот јазик, како и турскиот,
српскиот, влашкиот, босанскиот и ромскиот, заедно со македонскиот јазик е дел од културата и богатството на Македонија. Ангажираме големи ресурси за промоција на јазикот и културата на нашите заедници. Добро ќе биде да не следите во тој правец. Во Албанија, не толку одамна, морало да се затвораат прозорците ако по дома се говорел мајчиниот јазик, за да не слушне некој. Ние тоа искуство сме го немале никогаш“, пишува Димитриев.
„Наша заедничка цел е и натаму да продолжиме со градењето силно граѓанско општество кое ќе биде дел од евроатлантското семејство“, наведува во писмото премиерот Димитриев./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

