Македонија
Димитров во Грција: Нема да застанам додека не ги убедиме сите дека договорот беше вистински потег
На првиот ден од својата работна посета на Атина, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари средба со претседателот на парламентот, Николаос Вуцис.
На средбата соговорниците го изразија своето задоволство од завршувањето на внатрешните процедури во двете земји во контекст на ратификацијата на договорот од Преспа и неговото стапување во сила, како и заложбите од двете страни за негово успешно имплементирање.
Димитров истакна дека тоа е историски чекор и значајна демонстрација на заложбите за градење добрососедство, инклузивна соработка, конструктивни и позитивни односи.
„Мислам дека отворивме огромен потенцијал за односите меѓу двете земји и нема да застанам сè додека не го убедиме и последниот граѓанин – и во Грција и во Северна Македонија – дека ова беше вистинскиот потег и дека нашите две нации се природни сојузници. Ние сме соседи, а не може да се гради пријателство со соседот, без да се покаже почит и разбирање за другиот, и мислам дека ние сега почнуваме да го градиме нашето пријателство“, рече Димитров.
Димитров ја потенцира важноста и воедно се заблагодари што токму грчкиот парламент беше првиот што го ратификува пристапниот протокол за членство во НАТО и додаде дека Република Северна Македонија очекува процесот да биде финализиран до крајот на оваа година. Тој се осврна и на напорите што Владата ги прави за зајакнување на спроведувањето на тековните реформи за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ во јуни оваа година.
Претседателот на грчкиот парламент, Николаос Вуцис, потенцира дека договорот од Преспа отвора пат за пријателство и партнерство меѓу двете земји. Изрази уверување дека грчката страна при неговото имплементирањето ќе вложи напори за видливи резултати во сите аспекти на соработка. Тој истакна дека во парламентот, каде што се дискутира и ратификува договорот од Преспа, треба да се формираат комисии на пријателство меѓу Грција и Република Северна Македонија и да му се даде поддршка на европскиот пат на нашата земја во контекст на почнување на преговорите за ЕУ-членство.
За време на посетата на Атина министерот Димитров ќе се сретне и со грчкиот колега, Катругалос, а во рамките на академската конференцијата „Грчката надворешна политика во 21 век“, организирана од поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, утре, Димитров ќе се обрати на панелот „Трансформацијата во југоисточниот Медитеран“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.

