Македонија
Димитров првпат ќе ја претставува земјава на состанок на НАТО како полноправна членка
По покана на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, првпат ќе ја претставува Република Северна Македонија како полноправна земја членка на НАТО на состанокот на Северноатлантскиот совет (НАК) во формат на министри за надворешни работи.
Поради рестриктивните мерки воведени по пандемијата на коронавирусот, состанокот ќе се одржи преку електронски систем на видеоконференција.
По официјалното зачленување на Република Северна Македонија во НАТО на 27 март 2020 година и по церемониите на подигање на македонското знаме во седиштето и воените команди на НАТО, претстојниот состанок е прв работен настан на министерот Димитров, каде што активно ќе учествува во дискусијата по приоритетните прашања и активностите на алијансата.
Највисоко на агендата на утрешниот состанок ќе биде дискусијата за пандемијата на вирусот Ковид-19 во рамките на која се очекува министрите за надворешни работи да ги разгледаат можностите за преземање заеднички конкретни мерки и активности во справувањето со овој глобален предизвик.
Од другите теми ќе бидат опфатени прашањата во врска со состојбите и ангажманите на алијансата во Авганистан, пошироката област на Блискиот Исток и Северна Африка, а ќе бидат разгледани и можностите за конкретен придонес за подобрување на состојбите во Сирија.
Предвидено е министрите за надворешни работи да одобрат и неколку усогласени документи во врска со темите што се предмет на дискусија во рамките на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Изолациската дипломатија на Мицкоски ја носи Македонија во „периметар Сомалија“
СДСМ обвини дека Македонија, поради политиките на актуелната власт, завршила на листа со 75 земји оценети како „трет свет“, меѓу кои и Сомалија, оценувајќи дека тоа е резултат на изолациската дипломатија на премиерот Христијан Мицкоски.
„Периметар Сомалија, тоа е дипломатијата на Христијан Мицкоски“, се наведува во соопштението на партијата.
Од СДСМ посочуваат дека минатата година САД ги зголемиле царините кон Македонија, а сега следува и суспензија на визите. Според партијата, со месеци предупредувале дека, „тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ го загрозува стратешкото партнерство со САД и ја носи државата во изолација, далеку од Европската Унија“.
САД претходно ги суспендираа имигрантските визи за 75 земји, меѓу кои и Македонија.
Македонија
Денеска температурата до 13 степени, викендов променливо облачно и постудено
Сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво
Македонија
Без струја делови од Аеродром, Илинден и Гази Баба
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
· во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул.1 Црешево и ул.1 Виниче, општина Гази Баба;
· во периодот од 09.30 до 12.00 часот, корисниците на технолошка индустриска развојна зона, м.в.Птицоводна станица (само магацинот објект на Нептун), општина Илинден;
· во периодот од 11.00 до 13.00 часот, дел од корисниците на бул.Кузман Ј.Питу бр.28 и 30., општина Аеродром.

