Македонија
Димитров: Крајно време за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска одржа заедничка прес-конференција со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, на која беше презентиран Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2021 година, како и Пакетот за проширување.
Вицепремиерот Димитров истакна дека Извештајот на ЕК за Северна Македонија е јасна и недвосмислена потврда дека и во време на сериозни предизвици, со посветеност и упорност во однос на европското досие на земјата, задржано е високото ниво на подготвеност за членство и во континуитет се исполнети условите за отворање на пристапни преговори.
„Клучната политичка порака на годинешниов извештај на Европската комисија се однесува на тоа дека продолжуваме да ги исполнуваме условите за отворање на пристапни преговори, дека властите јавно ја демонстрираат својата цврста посветеност за напредокот на земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија. Земјата одржа стабилно, постојано („steady“) и одлучно темпо во унапредување на ЕУ реформите и ги засили своите напори за постигнување на натамошни видливи односно опипливи резултати. Сакам да појаснам дека оваа вкупна подготвеност не се однесува за почеток на пристапните преговори туку подготвеност за членство – имаме високо ниво на вкупна подготвеност и солидно темпо на напредок во споредба со минатата година“, рече Димитров.
Тој се осврна и на политичките пораки на Комисијата дека е крајно време за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија бидејќи застојот влијае многу негативно врз кредибилитетот на Унијата во регионот, а особено во Северна Македонија како предводник.
„Почетокот на пристапните преговори ќе потврди дека регионот е геостратешки приоритет на Унијата и ќе потврди дека пристапниот процес е процес кој подразбира исполнување на критериумите на членство. Согласно првичната анализа на наодите, Северна Македонија има најголема подготвеност со средна оценка од 3,02 во областите и поглавјата од Кластерот 1 „Темели“ дури и во однос на земјите кои веќе преговараат за членство – Србија со средна оценка 2,68 и Црна Гора со средна оценка 2,83. Споредливоста на напредокот и вкупната подготвеност се воведени токму за да обезбедат еден реформски натпревар во нашиот регион. Формалниот почеток на пристапните преговори ќе биде огромен политички поттик за спроведување на подлабински реформи со забрзана динамика, не само во усогласување со правото на ЕУ, туку и во суштинска имплементација на усвоената легислатива“, нагласи тој.
На прашањето за обидите за надминување на блокадата од Бугарија и адресирањето на овие прашања во пакетот за проширување, Димитров посочи:
„За време на дебатата во една друга организација каде што сме членка – Советот на Европа, во Парламентарно Собрание, имав прилика да одговорам обвинувањата од Бугарија коишто беа споменати и вчера во однос на кршењето на човековите права, кои што мислам дека не се продуктивни. Прво, затоа што се многу далеку од реалноста. Не е мудро и не е коректно и во крајна линија, и членките треба да бидат добри соседи, не само кандидатите за членство. Мене ми се допаѓа што во Извештајот се вели дека договорите и со Грција и со Бугарија треба да продолжат да бидат почитувани и имплементирани од сите вклучени страни. Мислам дека е важно е што Европската комисија нашла за сходно да го потенцира. Ние сме во еден процес – и ние внатре и политиките на ЕУ кон регионот се класичен заложник на историски прашања. А во новата методологија се вели – еден од моите омилени параграфи: нерешените билатерални прашања не треба да го држат пристапниот процес во заложништво“, потенцира Димитров.
Во однос на коментарот на Вархеји дека соработува со Ковачев, Димитров потенцираше дека за нас е многу е важно што во оваа фаза голем интерес и ангажман покажуваат Претседателката на Комисијата фон дер Лаен и Претседателот на Советот Шарл Мишел, што укажува дека вклучувањето на ЕУ претставници од највисоко ниво го сметаат македонскиот случај за исклучително важно прашање, а влогот исклучително голем.
„Тоа ни дава надеж дека со ангажман на тоа ниво сепак ќе се успее да се направи пробив, иако мислам дека треба да бидеме многу внимателни со очекувањата, со надежта, итн. Јас претпочитам да сме изненадени од добра вест, бидејќи имаме искуство со големи разочарувања“, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

