Македонија
Димитров и Анагностопулу потпишаа договор за отворање нов граничен премин, Маркова Нога – Лемос
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска оствари средба со алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу, која вчера и денес престојува во работна посета на Република Северна Македонија.

За време на средбата МНР Димитров и АМНР Анагностопулу потпишаа спогодба за отворање нов граничен премин во регионот на Преспанското Езеро, Маркова Нога – Лемос. Ова е прв договор потпишан меѓу Северна Македонија и Грција, согласно одредбите од конечната спогодба, со кој се очекува дополнителен развој во односите, интензивирање на комуникацијата и севкупен развој на Преспанскиот Регион.
На средбата со АМНР Анагностопулу беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Посебен акцент беше ставен на имплементацијата на преспанскиот договор со цел осмислување и развивање на сеопфатна и интензивна соработка во сите области, чијашто крајна цел се позитивни, видливи и конкретни резултати во полза на граѓаните на двете земји. Беше рaзговарано и за поддршката што Грција ѝ ја дава на нашата земја во контекст на евроинтегративниот процес.
Ова е прва посета на министерот Сиа Анагностопулу надвор од Грција по нејзиното преземање на функцијата алтернативен министер за надворешни работи, што ја отсликува важноста што Владата на Грција ѝ ја дава на односите со Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

