Македонија
Димитров: Македонија ќе продолжи да бара достоинствено решение
Северна Македонија ќе продолжи со обидите да бара достоинствено решение почитувајќи го нашето право на самоопределување во рамките на европските принципи, истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, кој денеска учествуваше на Европскиот самит во Прага на панелот со наслов: „Обновувањето по кризата предизвикана од Ковид-19 како можност за посилна Европа од перспектива на земјите од Западен Балкан“.
Осврнувајќи се на процесот на проширување, Димитров нагласи дека соочувањето со своите предизвици однатре оди рака под рака и со европскиот проект, чија суштина се стабилноста, мирот и европскиот начин на живеење, кој се отсликува преку демократија, чие начело е владеење на правото.
„Непосветувањето вистинско внимание, неангажирањето во земјите од регионот, кој географски му припаѓа на Европа, би претставувало стратешка грешка на Европската Унија. Кога не зборуваме гласно во одбрана на европските принципи, ЕУ ослабува, без разлика дали сме граѓани на земја членка или земја кандидат за членство во Унијата. Задачата на проширувањето како европска политика е примена на нејзините вредности и тој процес не треба да биде во заложништво на билатерални прашања“, рече Димитров.
Тој нагласи дека, без разлика на исходот, европеизацијата на нашето општество останува клучна цел на Владата. Реформите ќе продолжат бидејќи вистинската цел на пристапниот процес, всушност, е токму европеизацијата, внесувањето на европските стандарди дома. Во тој процес, истакна Димитров, секоја помош од нашите пријатели ќе биде добредојдена.
Тој нагласи дека справувањето со глобалната пандемија предизвикана од Ковид-19 ја покажа солидарносноста на дело.
„Европската Унија, справувајќи се и самата со предизвиците од Ковид-19, неодамна одобри економски инвестициски план со цел да го поттикне долгорочното економско закрепнување на регионот, но и да ја поттикне регионалната економска интеграција преку обезбедување грант во висина од 9 милијарди евра во рамките на ИПА III, средства што се од витално значење за закрепнувањето на економиите на земјите од Западен Балкан. Оваа финансиска помош е доказ за поддршката на ЕУ за Западен Балкан, која воедно има свој придонес и во зајакнувањето на меѓусебното партнерство“, додаде Димитров. Во оваа насока тој потенцира дека заедничкиот одговор во борбата против Ковид-19 всушност потврди дека координираните политики и мерки може да го олеснат и да го забрзаат социо-економското закрепнување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЈО да ја испита улогата на Заев и Филипче во случајот со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Нема скандал а во тоа да не се замешани кланот Заеви и Венко Филипче. И во последниот случај со заплената на над 40 тони марихуана повторно се вплеткани имињата на Зоран Заев и Филипче. Заев сам ја потврди поврзаноста брзајќи да се оправда и да си ја тргне мувата од капата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо да се извини Заев на граѓаните за целиот криминал, тој индиректно си ја призна вмешаноста обидувајќи се да се одбрани и оправда пред јавноста.
На Заев и СДС одамна веќе никој не им верува а неговите објави на социјалните мрежи и нервозните реакции само покажуваат колку директно е погоден за случајот со запленетата марихуана.
Факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 додека Филипче беше министер за здравство“.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве, е на фирма во сопственост на луѓе на Заев, додаваат од владејачката партија. Според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за фирма на лице кое било претседател на општинскиот одбор на СДС во Ново село.
„Тоа е Тони Котев познат како Мгчев кој пак бизнисите ги води со Вице Заев.
Каде се се јавувал Заев при запленета на петте тони дрога во Србија, зошто набрзина Филипче се упатил кон југ?
ЈО да ги истражи сите аспекти, меѓу кои и поврзаноста на Заев и Филипче“, бараат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Собрание на Македонија на улицата „11-ти Октомври“ и улицата „Даме Груев“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

