Македонија
Димитров: Македонската приказна е надеж за европскиот проект на Балканот, нашиот (не)успех ќе биде (не)успех и за ЕУ
На покана на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања денес учествуваше на регионалната конференција „Обновен наратив за забрзана интеграција во ЕУ”, како говорник на панелот „Иднината на ЕУ: Во кој правец се движи Европа во 2021?”.
Вицепремиерот Димитров се осврна на заложбите на Северна Македонија за интеграција во Европската Унија, вклучително и вложениот политички капитал на основа на европското ветување.
„ Ниту една европска земја одделно не е доволно силна за справување со современите предизвици, единствениот начин е европскиот проект за обединување на континентот што без овој регион – Западниот Балкан, секогаш ќе биде нецелосен и недовршен. Северна Македонија е приказна на надеж за овој проект, така што нашиот (не)успех е (не)успех и за ЕУ, ако ЕУ е сила што влече за добро. Одговоривме на многу стриктни услови, време е да добиеме праведна валидација, ако ЕУ е заедница на вредности” рече Димитров.
Во тој контекст, Димитров дополни дека европскиот проект се темели на градење заеднички европски идентитет заснован на вредности како главна придобивка од процесот.
„ Градењето на идентитетот е важно бидејќи лесно може да биде злоупотребено преку националистички наративи кои се всушност против националните интереси, како што беше во случајот со спорот за името што го имавме со Грција. Европа во 21от век треба да подразбира натпревар на идеи и достигнувања коишто ќе го подобрат нашиот живот и ќе обезбедат подобра почетна позиција за идните генерации – области како владеење на правото, дигитализација, зелена економија. Не е пристојно да се предизвикува соседот за прашања кои се многу внатрешни и интимни, како што е јазикот, и не е корисно да ја жртвуваме нашата иднина за минатото и историјата” истакна Димитров.
На панелот се обратија европски политичари и млади либерали, меѓу кои европратеникот Илхан Ќучук, австрискиот пратеник Хелмут Брандштетер и француската пратеничка Лилиана Танги (преку видео конференциска врска), коишто испратија порака дека европскиот проект мора да испорача успех преку македонското европско досие.
На маргините на конференцијата вицепремиерот Димитров оствари средби со европратеникот Ќучук, на којашто беа разговарани актуелните прашања во врска со македонско-бугарските односи, како и со словенечкиот министер за економски развој и технологија Здравко Почивалшек, во контекст на продлабочување на економската соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.

